Фудбалерот за врска на Вардар и заменик-капитен, Никола Глигоров, на прес-конференцијата ги сподели своите впечатоци и очекувања од европската сезона на македонскиот шампион.
По пласманот во групната фаза од Лигата на Европа и ждрепката по која Вардар ги доби противниците, Глигоров истакна дека тие се тешки и атрактивни ривали, но дека Вардарци се мотивирани да го дадат максимумот.
Не би се сложил со многумина дека противниците не се атрактивни. Зенит на пример секоја година игра во групна фаза од Лигата на шампионите и претендира да игра во елиминациската фаза. Реал Сосиедад е екипа која на домашен терен тешко ја добиваат и големите шпански екипи како Реал Мадрид и Барселона. Да не заборавиме дека Розенборг го елиминираше ланскиот финалист во Лигата на Европа, тимот на Ајакс. Ќе влеземе во секој натпревар амбициозни и мотивирани, да го дадеме максимумот за да освоиме што повеќе бодови. Како за јавноста така и за нас ова е нешто ново. Предизвик е да се игра цела есен во Европа. Се надевам дека со многу работа, труд, дисциплина во сите три натпреварувања ќе постигнеме задоволувачки резултати. Се надеваме дека во македонското првенство и Куп ќе бидеме на првото место. За Европа не сакаме да си наметнуваме цели затоа што сме дебитанти и немаме право да се закануваме. Едноставно можеме да ветиме безпоштедна борба до последна минута, и дека сите во клубот ќе го дадеме секој ден максимумот да го претставиме клубот најдобро на меѓународна сцена, изјави Глигоров.
Фудбалерот од средниот ред на Вардар е горд и среќен што има можност да игра во групната фаза со клубот на неговиот живот.
Да се биде во групна фаза во Лига на Европа со некоја екипа е една работа, но да се биде тука со Вардар, клубот на мојот живот и мојата прва фудбалска љубов е сосема нешто друго. Радоста не може да се опише со зборови. Драго ми е што Скопје е на нозе и имаме само позитивни критики. Би кажал дека овој успех не е случаен, се должи на 3.5 годишно макотрпно работење на сите во клубот. Да се заблагодарам на господинот Сергеј Самсоненко без кој што немаше да се направи овој успех и денеска не би биле на оваа прес-конференција. Да го пофалам шефот на стручниoт штаб кој што нè подготви за натпреварот со Фенербахче за само два дена, пред се на психолошки план. За мене е чудо тоа што се случи. Два дена пред натпревар да се дојде во клуб и да се победи Фенербахче е навистина нешто фантастично. Ставот на сите беше дека сме имале многу среќа, и во Турција кога дојдовме ни рекоа дека тоа што се случи во Скопје е на среќа, но, ние успеавме да победиме и во Истанбул и да го елиминираме Фенербахче со вкупни 4:1 што навистина е одлично, рече Глигоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


