| четврток, 6 декември 2018 |

Колариќ: Ќе плаќаме поскапа струја

Струјата ќе поскапи идната година. Со најавената либерализација на пазарот на увозот на електрична енергија, сметките за струја што ќе ги добиваат граѓаните ќе бидат повисоки. Тоа ќе го почувствуваат сите, бидејќи покачувањето ќе изнесува најмалку 20%, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Либерализацијата на пазарот на електрична енергија ќе биде нов голем удар по буџетот на граѓаните. Удар од кој ќе имаат корист само лоби групите кои се блиски на Социјалдемократскиот сојуз и кои поседуваат енергетски компании кои се занимаваат со трговија на електрична енергија. Освен зголемен профит на фирмите на владините функционери, од оваа мерка друг никој нема да има корист. Тоа е правата вистина. Од први септември сметките за струја нема да се намалат. Заев лаже и не му е прв пат. Тој што ќе потроши помалку електрична енергија ќе плати помала сметка. Тој што ќе потроши повеќе електрична енергија ќе плати повисока сметка. Намалување ќе нема. Станува збор за уште една предизборна манипулација на Заев. Знае дека граѓаните нема да ги добијат сметките до избори па се надева дека ќе добие некој глас повеќе. Потврда за манипулациите стигна и од ЕВН која потврди дека не е подготвена да стартува со реализација на мерката која на крај повторно ќе ја платат цената граѓаните, обвинува Светлана Колариќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Колариќ вели дека освен што граѓаните ќе добиваат повисоки сметки, во загуба ќе бидат и компаниите.

-Со оваа непромислена авантура на Заев граѓаните нема да добијат ништо, а државните компании кои произведуваат и дистрибуираат електрична енергија ќе бидат во загуба од повеќе милиони евра, поради зголемени трошоци од воведување на дневната евтина тарифа. Таа е математиката. ЕВН ќе го покрие трошокот од други ставки. Ќе нема инвестиции во системот и истиот ќе почне да застарува. ЕВН ќе подлежи на трошок за прилагодување на над 800.000 броила на регулираниот пазар на електрична енергија, кој трошок подоцна ќе биде прикажан пред Регулаторната комисија како трошок, а при следното одредување на цената на струјата истата ќе биде зголемена заради овој факт, и повторно граѓаните ќе бидат тие кои ќе плаќаат повисоки сметки за струја. Доколку Социјалдемократскиот сојуз вистински се грижеше за стандардот и вистински се грижеше животните потреби на граѓаните, ќе ги зголемеше за 5% платите на администрацијата, ќе ги зголемеше за 5% пензиите на над 300.000 пензионери и ќе ги зголемеше платите на докторите на 100.000 денари плата. Доколку навистина мислеше на граѓаните, Социјалдемократскиот сојуз немаше да исцеди 334 милиони евра од буџетот за неполни три месеци и истите да ги потроши на ветер и магла. Да мислеа за народот, ќе скратеа од набавките на цвеќињата за министерските кабинети, ќе скратеа од набавките за морски плодови и октоподи, а парите ќе беа наменски употребени за реални проекти, за кои придобивки ќе имаа сите граѓани на Република Македонија. Граѓаните се свесни, свесни се дека со недомаќинското и расипничко владеењето на Социјалдемократскиот сојуз, наместо со подебел паричник ќе останат со празни џебови. За ваквиот однос, поради ваквото несовесно и неодговорно работење, С Социјалдемократскиот сојуз ќе биде казнет од граѓаните. Почетната демонтажа на овој аздисан и расипнички режим, граѓаните ќе ја направат на 15-ти октомври, каде на претстојните локални избори ќе им речат НЕ на нивните штетни и антидржавни политики, а Социјалдемократски сојуз и Заев жестоко ќе бидат поразени, заклучи таа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top