| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: На Клиниката за гинекологија владее хаос

Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство Викторија Јовановска не смее да избега од одговорност за починатите бебиња само „заради тоа што е пријателка на сопругата на Зоран Заев, Зорица Заева“.

На гинекологија владее хаос и секојдневно сме сведоци на трагични вести и загубени животи. Директорката Јовановска е платена од граѓаните не за да креира хаос, туку да ги решава проблемите, а таа го прави спротивното. Наместо постојано да мисли како да ги брани политичките ставови на нејзиниот близок пријател Зоран Заев и да пишува политички соопштенија, требаше да се грижи да не умираат новороденчиња. Сега е јасно дека нема капацитет за тоа. Најдобро и за неа и за пациентите е да покаже доблест и да се повлече. Негрижата на новата влада на СДС и Таравари за здравјето на граѓаните исплива на површина. Колку повеќе се расплетува случајот за смртта на бебињата на Клиниката за гинекологија, толку повеќе на површина излегуваат судбините на родилките и нивните новороденчиња, рече Андоновска.

Таа потсети дека ГАК и Министерството за здравство на чело со Арбен Таравари два дена криеја за починати три бебиња, па откако јавноста дозна, веќе стигна и втора вест за починато четврто новороденче.

Колку новороденчиња треба да починат за Таравари, владата на Заев или директорката Јовановска да прифатат одговорност? Уште колку човечки животи треба да згаснат за да се покажат доблест и да се повлечат? До кога планираат да молчат и со брутална партизација на институциите и поставување на некомпетентни партиски кадри, државата да ја туркаат во хаос, дополни Андоновска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top