| четврток, 6 декември 2018 |

Заеднички фокус на сите треба да биде заштита на државните и националните интереси

Александар Тргачевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ е 36 годишен дипломиран правник од Скопје, млад човек со многу искуство зад себе, но и со големи предизвиици за иднината. Довербата од партијата ќе ја искористи од новата позиција ВМРО-ДПМНЕ како сериозен политички субјект да стори се за да ги разобличи пред граѓаните на Република Македонија погубните политики кои ги води актуелната влада, а воедно и да понуди решенија за сите отворени прашања независно од која област се истите. Уверен е дека на предвремени парламентарни избори кои ќе бидат многу скоро ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја преземе во свои раце одговорноста за водењето на државата за да не биде доцна, доцна за сите нас

Кој е Александар Тргачевски?

ТРГАЧЕВСКИ: Професионалната кариера ја започнав во не многу далечната 2006 година како дипломиран правник-консултант на проект на Светска банка во Агенцијата за катастар на недвижности, проект кој всушност беше иницијалната каписла во темелните реформи кои владата на ВМРО-ДПМНЕ ги спроведе во Катастарот. Од 2009 година редовно вработен во Агенцијата за катастар на недвижности каде во рок од неколку години преку посветена работа и залагање од почетничка позиција успеав да стигнам до највисоката административна позиција стручен советник на директорот за внатрешна контрола и надзор на приватните геодетски фирми.

Мојот професионален врв го достигнав во 2012 година кога од Владата на Република Македонија бев именуван за директор на Управата за финансиска полиција, функција која извршував се до 3 август 2017 година.

Што ќе биде Вашиот фокус и цел во ИК на ВМРО-ДПМНЕ, која е насоката по која треба да се движи партијата?

ТРГАЧЕВСКИ: Со оглед на првите 100 дена од владеењето на оваа квази влада не само мој туку и заеднички фокус на сите треба да биде заштита на државните и националните интереси. Не можам а да не се запрашам како е возможно човек кој се декларира себеси како Македонец, човек кој е и роден во Република Македонија за неполни 100 дена да распродаде се што е свето за оваа земја, се за што се бореле генерации и генерации пред ние и воопшто да стапнеме на ова парче земја.

ВМРО-ДПМНЕ е сериозна политичка партија, партија која во изминатите 11 години покажа и докажа како се води држава, покажа како се сака државата, покажа како се гради и создава и покажа како се решаваат проблеми на сите граѓани на Република Македонија без оглед на вера, нација и политичка припадност. Ова беше сликата за Македонија во изминатите 11 години, но за жал од јуни 2017 година реалноста во Република Македонија е многу поинаква.

Новата инсталирана влада предводена од СДС не само што ништо не гради и созадава туку како тргнала за краток временски период ќе уништи се што ВМРО-ДПМНЕ со труд и многу залагање градеше во изминатиот период. ВМРО-ДПМНЕ како сериозен политички субјект мора да стори се за да ги разобличи пред граѓаните на Република Македонија погубните политики кои ги води актуелната влада, а воедно и да понуди решенија за сите отворени прашања независно од која област се истите. Несомнено ВМРО-ДПМНЕ има сила, знаење и квалитетни кадри полни со ентузијазам кои можат да помогнат Македонија повторно да стане просперитена држава со која сите ќе се гордееме.

Рековте просеперитетна Македонија, што ќе понуди ВМРО-ДПМНЕ повеќе од своите опоненти за да го постигне тоа?

ТРГАЧЕВСКИ: Одговорот на ова прашање е многу краток и многу едноставен. ВМРО-ДПМНЕ како и досега и отсега ќе нуди решенија. Граѓаните на Република Македонија во изминатите 100 дена имаа можност и прилика да направат разлика. Имаа можност да видат кој градеше а кој руши, кој се грижеше за пензионерите а кој им ги намалува заслужените пензии, кој отвраше фабрики и работни места а кој брка инвеститори.

ВМРО-ДПМНЕ во периодот кој следи, со натчовечки напори, со сите демократски средства кои што и стојат на располагање, ќе се бори против погубните политики на оваа ненародна власт. Борбата ќе биде со многу јасни цели, а тоа е граѓаните да си ги добијат долго очекуваните инфраструктурни проекти кои сега за жал се стопирани во целост, пензионерите да си го добијат заслуженото покачување на пензиите, вработените да добијат повисоки плати, а младите квалитетно образование. Несомнено максимален напор ќе мораме да направиме во разубедување на Владата да не ги покачува даноците во државата и да не носи брзи и непромислени одлуки кои ги тангираат бројните странски инвеститори кои ВМРО-ДПМНЕ ги донесе во Република Македонија, бидејќи ако тие заминат тогаш на Македонија повторно ќе и се случи транзицијата од деведесетите години кога илијадници луѓе останаа на улица без работа.

Како правник и човек со искуство во безбедноста, што мислите колку е значајно ефикасното владеење на правото и правната држава и во што се разликува ВМРО-ДПМНЕ од СДСМ во тој поглед?

ТРГАЧЕВСКИ: Без прево и правна држава всушност нема држава. За да подобро го илустрирам што е она што ВМРО-ДПМНЕ го има направено на полето на владеење на право, правна држава и безбедност, би сакал да ги потесетам граѓаните на времето пред 2006 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција. Вие, а веројатно и повеќето од граѓаните на Република Македонија се сеќаваат што се случуваше на македонските улици пред десетина години. Мафијашките пресметки какви што гледаме само во филмовите беа наше секојдневие, а за жал оние кои беа учесници или не беа лишувани од слобода или ако поради сплет на околности тоа мореше да се случи, беа мистериозно пуштани да се бранат од слобода нормално се додека не избегаат некаде во странство. Вакви примери има безброј, но сепак заради осетливоста на материјата не би сакал да употребувам примери и имиња.

Сите се сеќаваме на низа афери во финансиски институции, државни фирми и фондови каде од граѓаните се украдоа големи суми на тешко заработени пари кои никогаш потоа не им се вратени.

Оваа грда слика за Македонија во изминатите 11 години додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт е драстично сменета. За да не бидам погрешно сфатен би сакал да појаснам дека не велам дека криминалот е искоренет во целост и тоа заради проста и едноставна причина што тоа е практично и теоретски невозможно, туку велам дека државата успеа да формира институции со врвни професионалци и успеа да создаде механизими за борба против сите типови на криминалитет со што се создадоа услови за негово држење во некои нормални граници за една просперитетна држава.

Како повеќегодишен директор на Управата за финансиска полиција, лично сум горд што во изминатиот период успеавме во голема мера да допринесеме во борбата против финансискиот криминал и да ги заштитиме финансиски интереси на Република Македонија и на нејзините граѓани.

Сигурен сум дека граѓаните на Република Македонија паметат како додека ВМРО-ДПМНЕ беше одговорен за водењето на државата барем еднаш неделно во медиумите се објавуваше за некоја успешно спроведена акција за сузбивање на некоја криминална група без оглед дали носител на акцијата било МВР, Финансиската полиција или Царинската управа. Системот функционираше, а зад решетки беа ставени голем број опасни криминалци. Оваа борба не беше лесна ниту едноставна. Многу професионалци од органите за прогон со деноноќна посветена работа се вложија максимално и верувам дека граѓаните на оваа држава тоа знаат да го ценат и вреднуваат.

Во однос на вториот дел од вашето прашење во што се разликува ВМРО-ДПМНЕ од СДСМ во оваа сфера ќе одговорам со контра прашање. Дали во изминатите 100 дена некој слушнал дека во Република Македонија е сузбиена некоја криминална група или уапсен опасен криминалец? Одговорот е краток и јасен и гласи „Нема такво нешто“. Напротив, деновиве веќе гласно се зборува за донесување на некаков си закон за општа амнестија или во превод со народни зборови кажано, ке ги пуштат на слобода сите оние криминалци за чие апсење и изнесување пред лицето на правдата многу наши полицајци ги ризикувале сопствените животи. Доколу пак некој мисли дека работата на СЈО е работа во насока на востановување на владење на право и правна држава, можам само гласно да искоментирам дека тоа е се само не тоа и тука би запрел со коментарот.

Јас би апелирал до политичарите кои сега ја водат државата, да ги остават професионалците во институциите надлежни за борба против криминалот да си ја вршат работата онака како што вели законот, а не како што велат тие, политичарите.

Граѓаните на Република Македонија се политички зрели и знаат дека државата оди надолу во сите сфери, па и во сферата на владеењето на правото и правната држава. Граѓаните се свесни дека ВМРО-ДПМНЕ беше, е и ќе биде движечка сила на Република Македонија и затоа на предвремени парламентарни избори кои ќе бидам многу скоро повторно ќе ја преземе во свои раце одговорноста за водењето на државата за да не биде доцна, доцна за сите нас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top