| четврток, 6 декември 2018 |

Светска премиера на „Последните камбани“ на филмскиот фестивал во Монтреал

Краткометражниот македонски филм „Последните камбани“ ќе биде прикажан на 41. издание на „Монтреал ворлд филм фестивал“, кој се одржува од 24 август до 4 септември во Канада. Проекцијата ќе се одржи на 28 август, а филмот е селектиран во рамки на светската натпреварувачка селекција за кратки филмови.

„Последните камбани“ е работен по сценарио и во режија на Никола Поповски, а актерот Мето Јовановски ја игра главната улога.

Да се биде дел од фестивал со четириесет годишна историја, и тоа во натпреварувачка програма на кратки филмови, за мене претставува чест, но и одговорност да се продолжи традицијата на културолошкиот квалитет, разновидност, независност и креативност кои тој ги нуди. Посакувам и се надевам на успешно преставување на фестивалот во Монтреал, вели режисерот Поповски.

Тој додава и дека фактот што е тоа единствениот компетитивен фестивал во Северна Америка кој е признат од Меѓународната федерација на здруженијата на филмски продуценти, го издига предизвикот на уште повисоко ниво.

Продуцентот Гоце Кралевски објаснува дека филмот ќе биде прикажан и на 23 Меѓународeн фестивал за кратки филмови во Драма, Грција, кој се одржува од 18 до 23 септември.

Куриозитет на „Последните камбани“ е што во него воопшто нема говор, а убавините на двете села, Љубојно и Брајчино, каде се снимаше минатата година, играат важна улога и тие како да се дел од карактерите. Се надевам дека токму ова ќе успее да ги плени филмските сладокусци низ светските фестивали, рече Кралевски.

„Последните камбани“ е остварување кое говори за осаменоста и соочувањето со неа и ја носи приказната за еден старец (Јовановски), кој преку камбаната комуницира со пријател од соседното село.

Директор на фотографија е Фејми Даут, а актерската екипа ја сочинуваат и Сања Николовска Најдовскаи Виктор Најдовски. Сценографијата е на Никола Анѓелковски, музиката на Дарко Спасовски – Пацки и на Горан Кан, шминката е на Наталија Кајевска, а костимите ги направи Ирена Боневска.

Продукцијата на „Последните камбани“ е на „ДНФ филмс“, а остварувањето е поддржано од агенцијата за филм на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top