Албанскиот премиер Еди Рама ќе биде домаќин на денешниот неформален состанот на премиерите од државите на Западен Балкан, што ќе биде одржан во Драч. На состанокот ќе се зборува за интеграцискиот процес и продлабочувањето на регионалната соработка.
На собирот, соопшти Владата на Албанија, ќе присуствуваат премиерот на Македонија Зоран Заев, премиерката на Србија Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, црногорскиот премиер Душко Марковиќ, како и косовскиот премиер во заминување Иса Мустафа.
Исто така, на состанокот ќе присуствува и комесарот за проширување и соседска политика на Европската унија Јоханес Хан и потпретседателот на Светската банка за Европа и Азија Сирил Милер.
Предвидено е да се одржат неколку-панел дискусии, на кои ќе се зборува за трговијата, услугите, инвестициите и дигиталната економија во земјите на Западен Балкан.
Од Европската комисија, очекуваат во фокусот на неформалната средба на премиерите од западнобалканската шесторка, да биде јакнењето на имплементацијата на обврските преземени за време на Самитот на ЕУ – Западен Балкан, кој што се одржа во јули годинава во Трст, особено акцискиот план за продлабочување на регионалната економска интеграција.
Регионалната економска зона, договорена на самитот во Трст, ќе обезбеди нови можности за бизнисот и граѓаните, ќе го зајакне економскиот раст и работните места. Следните конкретни чекори вклучуваат меѓусебно признавање на професионалните квалификации, идентификување и надминување на препреките за трговија и инвестиции во регионот, воспоставување на регионален дијалог за дигитална трансформација и започнување преговори за механизми за решавање на споровите, се вели во соопштението од ЕК пред средбата во Драч.
Европската комисија силно ја поддржува регионалната соработка на Западен Балкан, како неопходен дел од нивната перспектива за пристап кон ЕУ, преку значителни инвестиции во поврзување на инфраструктурата, економиите и луѓето во самиот регион и меѓу регионот на Западен Балкан и ЕУ.
На маргините на неформалниот состанок се очекува и средба меѓу премиерите на Македонија и Србија, на која српската премиерка Брнабиќ ќе му ја пренесе на македонскиот премиер Заев поканата за одржување заедничка седница на владите на двете земји до крајот на годинава.
Во четвртокот, српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека во таа прилика би требало Брнабиќ да договори со Заев одржување на заедничка седница на српската и македонската Влада до крајот на оваа година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст