| четврток, 6 декември 2018 |

Починато уште едно, четврто бебе за само два дена – што се случува на Клиника?!

Уште едно новороденче починало на скопска гинекологија, објави телевизија Сител. Било родено предвреме во 25-тата недела. По тројката ова е четврти смртен случај во два дена. Извори за Сител коментираат дека во еден инкубатор биле сместени по две новороденчиња. Наместо 22 на одделот за интензивна нега имало 55 предвремено родени бебиња.

Капацитетот е исполнет повеќе од двојно зошто интензивната на Детска клиника се реновира околу една година и таму во функција се само 6 инкубатори.

Покрај опремата за ризични новороденчиња проблем е и недостигот на кадар. Имаат само девет педијатри на 6.000 породувања годишно и овие лекари дежурале секоја втора вечер.

Од министерството за здравство изјавија дека прават анализи, но без конкретен одговор кои итни мерки ќе се превземат да се подобри состојбата на гинекологија со кадар и опрема за да се намали смртноста на новороденчињата.

– Министерството за здравство спроведува темелна анализа за потребите на јавните здравствени установи за зајакнување од аспект на кадар, нова опрема, и сл. Главниот фокус е токму на унапредување на гинекологија и неонатологија, со цел долгорочно да се надмине проблемот со недостиг на доктори во овие специјалности, како на Клиниката за гинекологија како врвна терциерна установа, така и во родилиштата низ државата, со што овие здравствени услуги ќе се доближат до мајките и новороденчињата според местото на живеење,
стои во писмениот одговор од МЗ до Сител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top