| четврток, 6 декември 2018 |

Богдановски: За четири години во Центар потрошени 100 милиони евра, никој не знае за што

Жерновски и СДС во општина Центар покажаа како не треба да биде управувана една локална самоуправа. Центар е пример за општина која кога ќе се најде во рацете на недоволно способни луѓе, недоволно посветени и работливи луѓе почнува да тапка во место, без реални изгледи за напредок, а нејзиниот буџет станува бунар без дно за недоволно одговорните властодршци, обвини денеска на прес-конференција Горан Богдановски, советник во Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој објави податок дека Жерновски и СДС за четири години потрошиле буџет од околу 100 милиони евра, но никој не знае и никој не може да види за какви проекти отишле парите на центарци.

Дали знаете каде се потрошени приближно 100 милиони евра ваши пари? Секако дека не, ниту гледате некој проект или дело кое би ја оправдало оваа огромна потрошена сума на пари. Жерновски и СДС трошеа без грам одговорност, доказ за тоа е и реченото од Мирослав Шиповиќ, претседател на Советот на општина Центар, кој лично во неколку наврати го обвини Жерновски за несовесно работење и луксузирање со пари на граѓаните во странски држави, потенцираше Богдановски.

Расипничкото работење со парите на граѓаните, додаде тој, е одлика на СДС.

Жерновски и СДС немаат ниту една поголема капитална инвестиција во општината, која што би одговарала на потрошените на 100 милиони евра за 4 години. Дури и кога инвестираат тоа го прават за суми неколкукратно поголеми од државниот просек, со што се отвора сомнеж кај граѓаните за потрошените пари, како што е примерот со отпочнатото училиште во Капиштец, со предвидена цена за изградба од 4.8 милиони евра, што е за 3 милиони евра повеќе од вообичаеното.

Богдановски направи споредба – владата на ВМРО-ДПМНЕ од темел градеше училишта за 1 до 1.5 милиони евра, а Жерновски и СДС во Центар тоа го прават за цели 3 милиони евра повеќе.

Додека Жерновски и СДС од општинската каса трошат немилосрдно, граѓаните на Маџир Маало во 21 век немаат соодветна инфраструктура и водоводна и канализациска мрежа. Жерновски и СДС трошат милиони евра без некој да знае на што, а граѓаните низ Дебар Маало се соочуваат со немање на слободен простор за паркинг. Нашите пари немилосрдно се трошат, а општина Центар никако да одвои барем денар повеќе за подобрување на хигиената во општината. Заради ваквата неработа, неажурност и неодговорност граѓаните ќе им кажат едно големо НЕ на Жерновски и на СДС на изборите на 15 октомври, центарци никогаш повеќе нема да дозволат да бидат изманипулирани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top