И македонскиот тетарски живот конечно почна да се евро-атлантизира, но, за големо чудо, како и многу други нешта, во насока на проверениот модел на одамна изгниената кинеска Културна револуција.
Имено, новиот директор на МНТ Драган Спасов – Дац штотуку јасно и недвосмислено и’ соопшти на целокупната македонска и светска театарска публика дека отсега натаму секој гледач што нема да биде во театарската сала во 19 часот и 55 минути вратата ќе му биде затворена, зашто претставите ќе започнуваат точно во 20.00 часот. Никој нема да има можност да рече дека не е информиран, зашто точно во 19 часот, 54 минути и 50 секунди, пред самото затворање на портата на театарот, дигитализираниот глас на директорот Дац автоматски ќе започне звучно одбројување наназад како во НАСА: 10, 9, 8, 7…, а тоа и визуално ќе може јасно да се забележи оддалеку од разни места во Скопје, па дури и од подалечните предградија, на големиот компјутерски октогонален часовник што ќе биде инсталиран на врвот од еден 387 метра висок столб од ајфеловски тип, поставен пред зградата на МНТ.
Од добро известените театарски кругови се дознава дека тој часовник во апсолутна милисекунда е усогласен со евро-атлатското точно време во Брисел, а во моментов интензивно се работи и на тоа сите граѓани во Република Македонија, до последниот, како впрочем и целиот дипломатски кор и сите туристи и други гости што ни доаѓаат на подолг или пократок престој па сакаат да видат и некоја театарска претстава, совршено да ги курдисаат своите часовници за да нема никакви проблеми или, не дај Боже, меѓународни инциденти. Веќе се преземени и најсериозни мерки на државно и на градско ниво со почетокот на претставите во МНТ да се усогласи и севкупниот домашен и меѓународен, патен, железнички и воздушен сообраќај, градскиот паркинг да обезбеди соодветен број најблиски апсолутно слободни места, а автобусите и таксистите никако да не доцнат на своите прецизни одредишта. Таа дисциплина на кичмата што толку многу ни недостасуваше сега ќе ни донесе совршени резултати во театарскиот, оперскиот и балетскиот живот, а за уметничките резултати и да не зборуваме.
Зашто, сега е сосема видливо дека неверојатните неуспеси на Шекспир, Молиер, Стриндберг, Чехов, Брехт, Бекет, и да не ги набројувам останатите пропаднати светски автори и изведби, беа предизвикани исклучиво од тоа што повремено имало чкрипнувања на понекоја штица на сцената и во гледалиштето, шушкања и поткашлувања во публиката, а особено голем неред правеа оние еден-двајца гледачи што, под плишеното перде на вратата од салата би се вовлекле тивко и незабележливо, можеби некаде во себеси уверени дека и тие се дел од омајниот сценски перформанс. Но што да се прави, во тие далечни времиња немало толку совршена хронометарска компјутеризирана технологија и компјутеризирани револуционерни мозгови какви што имаме денес во Република Македонија, особено откако добивме еден ваков сонувано совршен евро-атлантски менаџер во културата.
Уф, си мислам, колкава ли среќа имаме што нашиот голем артист и боемска душа Ристо Шишков од оние ептен забавени времиња не го доживеа овој надреален изблик на кафкијанска бирократско евро-атлантска перфекција, зашто Ристо, каков што го помниме, предметниот директор секако би го отерал во три п.м. бидејќи со својата ступидна закана му се обрати на целиот невин светски тетарски публикум, само затоа што заради доцнењето на пратеникот Талат Џафери цели 20 минути доцнеше и почетокот на претставата во Охрид. Се прашувам: па, кој го дозволи тоа? Зошто претставата не си започна на време? Зарем за тоа е виновна невината македонска и светска театарска публика? Доволно ќе беше во врска со својата генијална, urbi et orbi разгласена идеја за точното време на почнувањето на претставите директорот Дац да собрал човечка и професионална храброст (не знам зошто имал прпа?) и со убаво да му кажал на пратеникот Џафери никогаш веќе да не доцни на преставите зашто инаку нема да го пушти внатре, и тоа би било тоа. Или пак барем умно да си молчеше. Но зини да ти кажам – и ете ти го: заради неодговорниот голем љубител на теарската уметност Џафери и евидентната менаџерска неспособност на директорот – целиот театарски свет сега е под казна!
Но има уште нешто. Барем јас така го гледам ова, и ме чуди што и на други тоа не им паднало на ум.
Театарот има свои правила и законитости. И антитеатарот исто така. Затоа скандалозниот настан, всушност импровизиран артистички перформанс што е изведен на крајот од затворањето на Охридско лето, е многу впечатлив уметнички фрагмент од супер модерниот револуционерно-граѓанско-евро-атлантски и македонски театар на апсурдот што ни го изрежираа политичарите и што го живееме денес, и длабоко сум уверен дека тој најоригинален и највозбудлив дел од крајот на охридската театарска претстава на домашната и на светска публика ќе им остане во долго, долго сеќавање, како импровизирана џез-партија што најекспресивно и најсугестивно зборува за нашите актуелни внатрешни човечки состојби и расположби во Македонија; барем за оној што е во состојба така да ги чита.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст