| четврток, 6 декември 2018 |

„Или-или“ го издаде романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ

На 22 август, вторник во кафе барот „Ла Кања“ во Скопската чаршија со почеток од 21 часот ќе се одржи промоција на романот „Род“, издание на „Или-или“ со гостување на авторот Миљенко Јерговиќ. Преводот од хрватски е на  Владимир Јанковски, а промотори се Оливера Ќорвезироска и Владимир Јанковски. Промоцијата е дел од програмата Креативна Европа.

„Род“ на Јерговиќ е книга составена од повеќе целини – романи, документи, раскажувачки скици, фрагменти – во кои се менуваат фикционални и нефикционални делови и на совршен начин се мешаат реалното и измисленото. Со многу автобиографски елементи Јерговиќ во „Род“ ја испишува сагата за семејството на Карло Штублер, неговиот прадедо. Ова е книга во која авторот низ судбината на сопственото семејство зборува за цел еден век на Средна Европа и на Балканот, роман кој како железница ја вмрежува епохата и различните краишта, земјите кои се менуваа, историјата која беше немилосрдна. Од прадедо му и почетокот на XX век до денешницата на авторот и неговата судбина, „Род“ претставува opus magnum на Јерговиќ.

Миљенко Јерговиќ (Сараево, 1966) е книжевник и новинар кој живее во село недалеку од Загреб. Првиот новинарски текст го има објавено во 1983 година, а првата поетска збирка „Опсерваторија Варшава“ во 1988 година. За неговата збирка раскази „Сараевско Марлборо“ (1994) година критичарите сметаат дека со неа почнува трендот на т.н. стварностна проза. Потоа објавува уште неколку збирки раскази (Мама Леоне, Иншалах Мадона, Иншалах), како и десетина романи.
За романот „Род“ во 2015 година ја добива наградата „Његош“.
Делата му се преведени на повеќе од дваесет јазици.

„Род“ е книга за големите војни во малите земји кои по правило никогаш не завршуваат, но и роман што се занимава со сето она што официјалната политика сака да го скрие под тепих. Роман за идентитети што ги силуваат националните митови, токму во име на идентитетите, напиша Денис Дерк.

Впечатокот што книгата го остава е впечаток на борење со себеси, со своите лични и семејни демони. Демоните не дозволуваат лесно да бидат избркани, и затоа трауматичните сцени невротично се појавуваат, постојано се реконструираат, вели Дарко Милошиќ.

За Драган Бабиќ, раскажувачот е отворен, суров, безмилосен кон светот, но и до крајни граници интимен, емотивен, искрен и поетичен…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top