| четврток, 6 декември 2018 |

Отворање на 8. Школа за млади лидери

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска ќе се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери, што на негова иницијатива по осми пат ќе се одржи во Охрид, од 21 до 31 август.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на отворањето предвидени се и обраќања на д-р Стефан Воденичаров, поранешен претседател на Бугарската академија на науките, на д-р Сани Шенер, главен извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, на Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, на д-р Давид Пан, декан на колеџот Шварцман при Универзитетот Чингуа, на амбасадорот, д-р Георг фон Хабсбург, како и на д-р Зоран Илиевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје.

На годинашната школа ќе присуствуваат вкупно 22 реномирани предавачи од образовни и професионални институции од Република Македонија, Европската унија, САД и Кина, кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата.

Меѓу предавачите на осмата по ред Школа за млади лидери се и поранешниот претседател на Република Албанија, Реџеп Меидани, професорот на Вартон Школата при Универзитетот во Пенсилванија, д-р Ѓорѓија Петкоски, професорот на Универзитетот во Цирих, д-р Марко Штенберген, како и еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, Дејвид Голдсмит.

Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании и претставници на етаблирани институции од Македонија, Норвешка, Австрија и други земји.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Од 2010 година досега во континуитет се организирани седум интензивни тренинзи за лидерство. Идејата на претседателот Иванов е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Во изминатите седум години на школата учествуваа 280 млади луѓе и над 160 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, Вацлав Клаус и Ваира Вике – Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, Борис Тадиќ, Георги Прванов, Петар Стојанов и Бамир Топи, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

– Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини, се наведува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top