| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да каже каде завршуваат парите на граѓаните

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку пишано соопштение го обвини СДСМ дека откако се на власт исчезнуваат парите на граѓаните и побара одговор каде завршуваат.

– Владата на СДС за неполни три месеци помогна да испарат стотици милиони евра народни пари без објаснување, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и се додава дека само од распишување на аукции на државни хартии од вредност државата е задолжена за нови 145 милиони евра.

Потсетуваат дека според НБРМ, девизните резерви на Република Македонија за два месеца се намалени за 177 милиони евра.

– Освен долгови и лаги граѓаните не видоа ни „Р“ од реформи, се потенцира во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ реагираше:

Граѓаните 11 години сведочеа како нивните пари завршуваа во скапоцениот дворец на ВМРО-ДПМНЕ, најбогатата партија во Европа, како нивните пари се трошеа на скапи ручеци, на барокни фасади, панорамски тркала и споменици, додека мнозинството граѓани живееше во сиромаштија и долгови. Затоа денес целата јавност се потсмева кога ВМРО-ДПМНЕ прашува каде се трошат парите на граѓаните.

За разлика од претходно, парите на граѓаните веќе не се трошат за криминално богатење на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, туку тие се користат за продуктивни цели и за квалитетен живот за сите граѓани.

Опозициската партија не може да се помири со фактот дека наместо парите на граѓаните да завршуваат на контото на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, тие, сега се користат за повисока минимална плата, поголема помош за стопанството, повисоки пензии и за трајно решавање на деценискиот проблем со стечајните работници, соопштуваат од СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top