| четврток, 6 декември 2018 |

Ердоган до Габриел: Кој си ти да зборуваш така за претседателот на Турција


Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган остро го искритикува шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, откако тој му упати критики за неговото мешање во кампањата за германските избори, закажани за 24 септември, пренесе ТАСС.

-Тој не знае за никакви граници! Кој си ти така да зборуваш за претседателот на Турција? Разговарај со шефот на турската дипломатија. Знај си го местото! Не не учи, остро му порача Ердоган на Габриел за време на митинг на неговата партија во градот Денизли, во југозападниот дел на Турција.

Овој личен напад врз Зигмар Габриел доаѓа по вербалниот судир меѓу Анкара и Берлин, и во ситуација на многу затегнати односи .

Ердоган ги повика Турците кои имаат германско државјанство да им дадат лекација и на социјалдемократите, и на демохристијаните и на зелените, односно на сите кои, според него, покажуваат непочитување кон Турција.

Зигмар Габриел доаѓа од Германската социјалдемократска партија. Тој во овој повик на Ердоган виде акт на исклучително мешање во германскиот суверенитет.

Германската канцеларка Ангела Меркел, преку својот портпарол, пак, порача дека нема да толерира никакво надворешно мешање во изборите.

Пред своите симпатизери во Денизли, Ердоган кажа дека за него нема никакво значење дали Германија ќе ги отвори своите врати за Турција или не и додаде дека Турците со радост се зближуваат со оние кои ги отвораат своите врати за нив и затоа и тие ги отвораат своите врати за овие луѓе, пренесе ТАСС.

Ердоган уште еднаш ги повика Турците во Германија да не гласаат ниту за демохристијаните, ниту за социјалдемократите, ниту за зелените.

-Дајте им лекција на овие три партии за време на германските избори. Тие водат кампања против Турција. Гласајте за оние кои не покажуваат никаква завист кон Турција, рече Ердоган, пренесоа француските медиуми.

Ердоган кажа дека неговата земја нема да ги ослободи Германците, кои се приведени во Турција, а меѓу нив и виден новинар, пренесе ДПА.

Тој кажа дека на „дамата, која е одговорна за управувањето со Германија“ и предал документи за 4.500 терористи, но, за жал, овие документи не биле прифатени. Таа, меѓутоа, побарала Турција да врати „еден, двајца, три лица“.

-Жалам, вие си имате судски систем, ние, исто така, имаме судски систем, кажа Ердоган.

Во турските затвори има тројца германски државјани, а меѓу нив е и Денис Јуџел, кој е новинар на германскиот весник „Велт“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top