| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Крајно време е да се зголеми буџетот на Армијата

Од прва рака сум запознат со предизвиците на нашите посветени и професионални војници. Крајно време е да се врати достоинството на македонскиот војник. Крајно време е да се зголеми буџетот на Армијата. Затоа што пред нашата Армија стојат големи предизвици и големи задачи, рече Иванов

Крајно време е да се зголеми буџетот на Армијата. Затоа што пред нашата Армија стојат големи предизвици и големи задачи, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето по повод Денот на АРМ и 25-годишнината од формирањето на Армијата.

– Веќе осум години сум Врховен командант на вооружените сили, и најодговорно тврдам дека нашата Армија е дорасната на овие задачи. Но, потребни се повеќе средства. Како држава постојано ја нагласуваме нашата посветеност и подготвеност да бидеме дел од НАТО. Но, ако сакаме да ги користиме привилегиите, мора да ги поднесеме и одговорностите. Членството на Македонија во НАТО подразбира и буџет на Армијата соодветен на НАТО. А тоа е миминум 2% од буџетот на државата, рече претседателот Иванов.

Вели дека е запознаен со животниот стандард на војниците, со што се хранат, во какви услови живеат и во какви униформи се облекуваат. – Од прва рака сум запознат со предизвиците на нашите посветени и професионални војници. Крајно време е да се врати достоинството на македонскиот војник. Крајно време е да се зголеми буџетот на Армијата. Затоа што пред нашата Армија стојат големи предизвици и големи задачи, рече Иванов.

Потенцира дека освен Буџет потребни се и реформи и оти тие системот за национална безбедност мора да бидат во согласност со Стратегијата за одбрана, која треба да се донесе до крајот на оваа година.

Во својот говор претседателот Иванов се осврна и на разузнавањето како прва линија на одбраната и истакна дека ни се потребни стандарди кои се однесуваат на квалитетот и квантитетот на информациите и оти нам ни треба проактивно, а не реактивно разузнавање.

– Нема универзален систем за одбрана, сеопфатен текст на законите за модел  на национална безбедност. Секоја држава има закани и интереси кои треба превентивно и проактивно самостојно да ги менаџира. Ние се уште сме во фаза на градење на капацитети за одговор на заканите. Во изминативе 25 години ги учиме лекциите. Градиме знаење врз основа на грешки. Но, и таа суштинска реформа мора да ги мине сите неопходни филтри. Сите реформи во системот за национална безбедност мора да поминат низ Уставно надлежниот Совет за безбедност на Република Македонија. Бидејќи, само така конечно ќе го затвориме кругот на одговорност, рече македонскиот претседател.

Додаде дека зголемен буџет и реформиран систем со затворен круг на одговорност се формула за успех.

Тој во говорот забележа и на, како што рече, тоа што во недостиг на ресурси и време, се почесто се случува Армијата без одлука на Врховниот командат и без исполнети услови за прогласување на кризна состојба да се ангажира за задачи кои се во надлежност на други институции.

– Тоа е сериозна повреда на законот што нема да ја толерирам. АРМ троши свои ресурси за туѓи задачи кои се во надлежност на други институции. Мора да се затвори кругот на одговорност за тоа кој е надлежен за што, кога и како, рече претседателот Иванов.

Во однос на улогата на АРМ во поддршката на кризниот менаџмент во справување со природни непогоди и загадувања, претседателот Иванов ги потсети органите на државната власт на нивната обврска да ја почитуваат законската оправданост за учество и употреба на АРМ во отстранување на последици во прогласена кризна состојба.

Втората улога на Армијата, според претседателот Иванов, ќе биде подршка на полицијата во борба против урбаниот тероризам во градовите со етничка и верска различност.

Третата улога на Армијата, рече македонскиот претседател, ќе биде заштита на границите од илегална миграција.

– Веќе не е доволно податоците за миграциите да ги добиваме кога илегалните мигранти веќе ќе бидат на нашата граница. За навреме да реагираме, мора да бидеме присутни на изворот на илегалната миграција. Затоа, неопходно е АРМ да учествува во мировни операции на Обединетите нации во регионите од каде доаѓаат

заканите. Илегалната миграција и меѓународниот тероризам се закани со кои ќе се соочуваме во иднина. Мора да ја обновиме воено-дипломатската и разузнавачка мрежа на територите што се извор на закани, транзит, крајна дестинација, но и во центрите на моќ каде се носат одлуки, рече претседателот Иванов.

Четвртата улога на Армијата, според македонскиот претседател, ќе биде сајбер одбраната и оти со поддршка од државните органи, АРМ мора да изгради систем на превенција и заштита на критичната инфраструктура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top