| четврток, 6 декември 2018 |

Лилјана Спасовска назначена за в.д. јавен обвинител

Според годишниот распоред обвинителката Лилјана Спасовска ќе биде вршител на функцијата јавен обвинител сѐ додека не биде избран нов. Како што соопштија од Јавното обвинителство за Телевизија 24, Спасовска е ставена за заменик во случај на спреченост или отсуство на републичкиот јавен обвинител.

Спасовска беше обвинителка на јавната расправа за случајот „Монструм“ што се одржа по жалбите на обвинетите во овој случај, осудени на доживотен затвор.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски информираше дека до именувањето на вршител на функцијата, што советот ќе го направи идната недела, разрешениот Марко Зврлевски ќе го заменува обвинителот кој е назначен како негова замена во распоредот.

Идната недела Советот ќе закаже седница на која официјално ќе го именува вршителот на функцијата јавен обвинител на Република Македонија.

Владата на Република Македонија на наредната редовна седницата во вторник ќе му препорача на Собранието да ја почне процедурата за избор на нов јавен обвинител, информира денеска портпаролот Миле Бошњаковски.

– Владата на седницата ќе постави на дневен ред Предлог-заклучок со кој ќе му предложи на Собранието да го огласи именувањето на јавен обвинител. Собранието по ова треба да распише оглас за кандидати за јавен обвинител во „Службен весник” и во најмалку два дневни весника од кои еден мора да биде на албански јазик. Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во „Службен весник”, рече Бошњаковски на денешната прес-конференција.

Владиниот портпарол појасни дека потоа Советот на јавни обвинители има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

– Потоа постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. По тоа одлуката оди во Собрание како предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас, информира Бошњаковски.

Нагласи дека основна цел на Владата при изборот на нов јавен обвинител ќе бидат интересите на граѓаните и додаде дека веднаш по добивањето на мислењето, Владата ќе го постави изборот на јавен обвинител на првата наредна седница.

– Ќе се бира професионалец, односно личност од професијата со дигнитет и достоинство кој ќе го врати угледот на позицијата јавен обвинител, ќе го почитува законот и Уставот и ќе постапува еднакво, непристрасно и одговорно во делење направдата и воедно ќе ја врати довербата на граѓаните во правосудните институции, рече Бошњаковски и додаде дека ќе се запазат сите законски регулативи при изборот на новиот јавен обвинител.

На предлог на Владата, Собранието, вчера попладне го разреши Марко Зврлевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top