| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ:СДСМ ја третира државната каса како бунар без дно

Каде отидоа парите од девизните резерви? Ова прашање тежи над 126 милиони евра. СДС ја третира државната каса како бунар без дно! Парите на граѓаните испаруваат и исчезнуваат секој ден. Министерот за задолжување Тевдовски за 70 дена успеа да стопи цели 126 милиони евра пари на граѓаните од девизните резерви, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

-СДС секој ден ја задолжува Република Македонија. Се распишуваат аукции за државни хартии од вредност, а парите потоа волшебниците од СДС се трудат да ги снема. Само по овој основ министерот за задолжување Тевдовски има издадено државни хартии во вредност од 145 милиони евра. Вкупно, волшебниците од СДС успеаја да направат да исчезнат 171 милион евра, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека владата на СДС пред два дена државата ја задолжи за нови 2.70 милијарди денари односно 43.9 милиони евра.

-Министерот за задолжување Драган Тевдовски, само по основ на државни хартии од вредност на дневно ниво ја задолжува државата за речиси 1.933.333 евра. По основ на државни хартии од вредност на секој час државата се задолжува за речиси 80.555 евра, односно секоја минута се задолжува за речиси 1.342 евра. Граѓаните на Република Македонија не сакаат со трикови и магија на волшебниците од СДС да ги снемува нивните пари. Граѓаните не сакаат нивните пари да завршуваат во џебовите на волшебниците од СДС и нивните асистенти од Сорос и платеничката шарена револуција. Заради неработата, непосветеноста и негрижата, СДС на 15-ти октомври ќе се соочи со политичка одговорност, стои во партиското соопштение.

СДСМ врати:

ВМРО-ДПМНЕ покажува елементарно непознавање од финансии, Владата предводена од СДСМ го намалува јавниот долг

ВМРО-ДПМНЕ, партијата што 11 години расипнички и некотролирано ги задолжуваше граѓаните за остварување на криминални интереси, не може да се помири со фактот што Владата предводена од СДСМ работи домаќински, отчетно и во интерес на граѓаните.

Со празните обвинувања за наводно трошење на девизните резерви, ВМРО-ДПМНЕ покажува основно непознавање на управувањето со финансиите бидејќи се работи за плаќање преку единствената државна сметка на кредитите и доспеаните рати за стари долгови. Преку одговорно и транспарентно работење, Владата предводена од СДСМ го исплати долгот кон Дојче Банка во висина од 77,3 милиони евра, а јавниот долг го намали за 31,4 милиони евра во однос на првиот квартал.

ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со очигледната разлика во управувањето со државните пари. За разлика од расипничкото однесување на ВМРО-ДПМНЕ, кога парите од скапите и неконтролирани задолжувања се трошеа на криминални тендери, палми, барок и споменици, денес, парите на граѓаните се користат за повисока минимална плата, за решавање на статусот на стечајните работници, за нови работни места и поголема помош кон домашните претпријатија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top