| четврток, 6 декември 2018 |

Кривична пријава за инвеститорот кој без дозвола гради џамија на Попова Шапка

Инвеститорот, кој без дозвола гради џамија на Попова Шапка заработи кривична пријава. Пријавата е поднесена минатиот месец од страна на сопствениците на викендичките на овој туристички центар.
– Заради брзината со која продолжуваат овие незаконски активности како и штетата што ќе настане како последица од тоа, бараме Основното Јавно обвинителство Тетово итно да преземе мерки во рамки на своите законски овластувања кои произлегуваа од кривичниот закон на Македонија, со што ќе покаже почитување на уставот и законите на Македонија – стои во кривичната пријава поднесена до Основнот јавно обвинителство.
Од Основното јавно обвинителство Тетово, велат дека работат на основ на поднесената кривична пријава
 – Основното јавно обвинителство  Тетово ја прими кривичната пријава за која покажувате интерес и е во фаза на проверка на наводите од истата. За таа цел, Основното јавно обвинителство – Тетово се обрати до секторите за урбанизам и за инспекциски надзор на Општина Тетово со барање за обезбедување на потребни информации. Откако ќе ги добие бараните податоци, обвинителството ќе одлучи како понатаму ќе постапува – стои во писмениот одговор на ОЈО Тетово.
На Попова Шапка веќе четврти месец без никакво одобрение се гради верски објект – џамија. Тетовскиот инспекторат вели дека донел решение за запирање на џамијата, но инвеститорот не ја почитува нивната одлука, тој и понатака гради. Оттаму истакнаа дека можат да спроведат активности за уривање на џамијата и враќање на местото во првобитна состојба, но за сето ова треба да добијат налог од градоначалничката на Тетово. Теута Арифи пак вели дека надлежен за уривање на дивоградби е тетовскиот инспекторат.
Камен-темелник на џамијата дивоградба постави поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман ефенди Реџепи пред два месеци. Тој тогаш рече дека не се откажуваат од изградбата, затоа што за верски објект немало потреба да се чека одобрение за градба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top