| четврток, 6 декември 2018 |

Дачиќ: Разграничување со Албанците е трајно решение за Косово

Во интерес на сите е да се постигне трајно решение за српско-албанскиот спор, до кое може да се дојде само преку договор меѓу Србите и Албанците во кој и двете страни ќе добијат и ќе загубат по нешто, пишува српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во авториски текст во весникот „Вечерње новости“.

– Тоа е идеја за компромис врз историски и етнички права. Идеја за разграничување на она што е српско, а што албанско и за нормализација на нашите односи, смета Дачиќ.

Според него, со тој договор, српските православни манастири во Косово би требале да добијат статус на „самостојни манастирски заеднци по примерот на Света гора во Грција“.

Тој предлага и формирање на заедница на српските општини во јужниот дел на Косово, како и финансиски надомест за „узурпираниот приватен и државен имот“.

Дачиќ посочува дека денес постојат главно две концепции за решавање на косовскиот проблем – „цело Косово е српско иил мора да се признае независно албанско Косово“.

– Двете концепции имаат негативни последици за српскиот народ. Првата може да се оствари само со војна, која во овие историско геополитички услови е однапред изгубена битка. Другата е погубна, бидејќи поаѓа од тоа дека се е решено, потенцира Дачиќ.

Тој вели дека во ниту еден од овие два концепти Србите не добиваат ништо, туку само губат, потенцирајќи дека неговиот предлот е заснован на желбата Србите да добијат нешто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top