| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Николовски се елементарна непогода

Добро е што министерот за земјоделие, Љупчо Николовски конечно се врати од песочните морски плажи, бидејќи зема плата од граѓаните за да ги решава нивните проблеми. Очигледно бил презафатен во баровите и ноќните проводи, па не видел што се случуваше во земјава. Додека тој уживаше и се разладуваше по морињата изгоре половина Македонија. Изгореа, шуми, имоти, куќи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Додека Николовски со креми со висок заштитен фактор се обидуваше да се спаси за да не изгори од сонцето, граѓаните во Република Македонија доброволно се организираа и сами се спасуваа од огнените стихии. Зоран Заев и Љупчо Николовски се елементарна непогода. Да не беа дождовите, пламените јазици сеуште ќе продолжеа да уништуваат се пред себе. Затоа, срамна и лицемерна е денешната прес конференцијата на министерот за земјоделие Љупчо Николовски. Човекот излезе за да каже дека сеуште броел колкава е штетата од пожарите кои заедно со својот претпоставен ги набљудуваа од дистанца. Не открија ниту еден виновник за подметнување на пожарите кои беснеа во Македонија. Не изгаснаа ниту еден пожар. Затоа сега мораат да лажат околу буџетот за заштита на шумите, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се додава во реакцијата, преку акцијата ден на дрвото која започна во 2008 година засади над 36 милиони садници во која се пошумени над 13.000 хектари површина.

-Изминативе години се спроведоа неколку акции за спречување на кражба на дрвја и уништување на шумскиот фонд. Николовски креираше хаос во земјоделието и одговорност за тоа ќе има.

СДСМ возврати: ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со непоштедливата борба на државата со пожарите и со грижата на Николовски за земјоделците. Според нив очигледно е дека на ВМРО-ДПМНЕ се повеќе му пречи успешната работа на министерот за земјоделство Љупчо Николовски и затоа постојано оди со глава во ѕид и продолжува со неоснованите напади и обвинувања кон него.

-Граѓаните секојдневно го гледаат министерот Николовски на терен и знаат дека не се штедеа напори и средства во справувањето со пожарите. Земјоделците многу добро знаат кој ги зголеми субвенциите, кој ги исплаќа редовно и кој ја зголеми помошта за загуби од природни непогоди. Граѓаните ја препознаваат разликата помеѓу неодговорното, коруптивно и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ и отчетното, чесно и домаќинско работење на министрите од Владата предводена од СДСМ. Затоа, на локалните избори граѓаните ќе ги казнат деструктивните и манипулативни политики на ВМРО-ДПМНЕ и ќе изберат промена на локалните власти, а процесот на реформи ќе продолжи и на локално ниво – велат од СДСМ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top