| четврток, 6 декември 2018 |

Интерпелација за Дураку: Со цел да обезбедат повеќе средства за партиските вработувања, СДСМ и министерот посегнаа по здравјето на голем број дечиња

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ денеска ќе поднесат интерпелација за министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку.

-Македонската јавност со месеци е жив сведок на уништувањето и крајната негрижа и неодговорност за животната средина од страна на новата Влада и министерот Садула Дураку. Повеќе од три месеци граѓаните на Струга живеат во канцероген чад, граѓаните на Тетово и Куманово мака мачат со дивите депонии, додека една третина од територијата на Република Македонија е во пламен и се кратат средства од Буџетот за рехабилитација на деца кои биле жртви на загадувањата во нивните средини. За сето ова ниту една институција не смогна сили да им излезе во пресрет на граѓаните бидејќи за Владата и Министертстото за животна средина и просторно планирање приоритет се партиските вработувања и назначување на неспособни и некомпетентни директори и функционери во институциите, истакна Лилјана Затуроска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.

Најактуелен и крајно сериозен проблем кој претставува еколошка бомба, додаде таа, е проблемот со струшката депонија со кој стружани се соочуваат, но во последниве три месеци истиот ескалира и претставува сериозна опасност првенствено врз здравјето на повеке од 100 илјади граѓани кои живеат во овој регион.

-Игнорантски однос од страна на прво повиканиот, министерот Дураку, е повеке од иритирачки и е доволен показател дека овој министер не може да се носи со функцијата Министер за животна средина и просторно планирање, и затоа треба истата да ја напушти за да не се дозволи уште поголеми еколошки катастрофи да се случат на територијата на Република Македонија кои би можеле да резултираат дури и со несогледливи последици врз здравјето на граѓаните и животната средина. Како пратеници уште на 15.06.2017 година, побаравме информација за состојбата со дивата депонија во Струга и побаравме итна и посебна собраниска седница на која ќе се расправа за овој сериозен проблем и на која треба да се донесат конкретни заклучоци и акционен план на активности по кој Министерството за животна средина и просторно планирање ќе треба да постапува заедно со локалната самоуправа. Но, за жал не наидовме на разбирање од парламентарното мнозинство кое очигледно не сака да разговара за проблеми за кои кога беа во опозиција беа толку многу гласни, за сега кога треба да се зафатат со нивно решавање да бегаат како ѓавол од крст, подвлече Затуроска и додаде:

„Значајно е да се напомене дека и поднесениот амандман за ребаланс на Буџетот за 2017 година од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување на средства за крајно решавање на проблемот со струшката депонија беше одбиен од страна на СДСМ и министерот Тевдовски за кој што веќе поднесовме интерпелација за неговата работа. Проблемот со тетовската депонија е уште само една причина за немањето капацитет на овој министер да се зафати со решавањето на дивите депонии. Сметот, отпадот и загадениот воздух за тетовци стана секојдневие. Овој отпад, не само што го загрозува здравјето и околината на тетовци, туку беше и една од најважните причини поради која се излеа и реката Пена и предизвика човечки загуби и големи материјални штети“.

Затуроска потенцираше дека штетата која што ја предизвикува оваа депонија главно се загадувачки гасови, како јаглерод моноксид и како резултат на нецелосното согорување на отпадот, односно на гумите или горивата, се согоруваат јаглерод и сулфур диоксид, оксидите на азотот и штетните ПМ честики кои се ослободуваат, а главно тоа се канцерогени честички, докажани преку испитувања.

-Уште една дива депонија која се заканува со целата сериозност врз здравјето на граѓаните е дивата депонија во Куманово. Исклучително сериозен и актуелен проблем кој мора ден поскоро да се санира. Кумановската дива депонија е сместена на само 11 км од градот Куманово и поставена е во плодното земјиште во нивите на атарот на селото Пчиња каде граѓаните од Пчиња одгледуваат земјоделски култури со кои се снабдува населението како од Куманово така и од околните населени места и пошироко. Министерот за животна средина и просторно планирање Дураку, исто така е дирекно одговорен и за укинувањето на сретствата за рехабилитацијата на децата од Велес, Кавадарци, Илинден, Осломеј и Возарци како последица од многу децениското загадување на животната средина во овие места.

Со цел да обезбедат повеќе средства за партиските вработувања кои на големо ги спроведуваат во секоја државна институција, рече Затуроска, СДСМ и Дураку посегнаа по здравјето на голем број дечиња на кои што им беше неопходна оваа климатска рехабилитација која што веќе 15 години се спроведуваше на Пелистер.

-Средства за климатска рехабилитација која што требаше годинава да се одржи по 16-ти пат беа обезбедени со Буџетот за 2017 година, но со ребалансот овие средства се укинати оставајќи ги децата без можноста да можат да се рехабилитираат. Според СДСМ и министерот за животна средина Дураку кратењето на овие средства за рехабилитација на децата било кратење од луксуз. Ова демонстрирање на крајно неодговорно и дрско однесување на СДСМ и овој министер треба час поскоро да заврши. Заради сите овие сериозни и катастрофални пропусти и заради игнорантскиот однос и непрофесионалност на Садула Дураку, бараме истиот да биде разрешен од функцијата Министер за животна средина и просторно планирање отстапувајки го местото на човек кој што ќе може да се справи и ќе се носи со сите овие предизвици поврзани со заштита, унапредување и сериозно зафаќање со политики и стратегии за планирање на просторот и животната средина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top