| четврток, 6 декември 2018 |

Мадуро бесен, бара разговор лице во лице со Трамп

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро изјави дека сака да се сретне со американскиот преседател Доналд Трамп и со него да разговара директно – лице в лице.

Мадуро сака ваквата средба да се одржи во Њујорк идниот месец, за време на заседанието на Генералното собрание на ОН.

САД неодамна воведоа санкции директно кон Мадуро, обвинувајќи го дека со своте постапки и политиката ја поткопува демократијата во земјата.

– Ако толку многу се интересира за Венецуела, јас сум тука. Господине Доналд Трамп еве ви ја мојата рака, изјави Мадуро во својот тричасовен говор, во стилот на некогашниот кубански лидер Фидел Кастро, обраќајки му се директно на американскиот претседател.

Мадуро говореше пред своите приврзаници на отворањето на сесијата на новото Уставотворно собрание, кое беше избрано и покрај силното противење на опозицијата и на јужноамериканските држави.

Во вакви услови, левичарскиот претседател Мадуро, кој настојува на сила да спроведе „социјалистичка револуција“ во земјата, обично зборува на антиамерикански теми во кои се осудува „империјализмот“ и се обвинува за „правење заговор“ против неговата власт.

Но, овојпат Мадуро побара средба со Трамп и објави дека има намера да поднесе тужба пред американски суд против одлуката на САД за воведување санкции кон него.

Повеќе од 120 лица досега загинаа во судирите на улиците на Каракас и другите градови меѓу опозицијата и силите на редот.

Земјата која е богата со нафта е на работ од економски колапс и е длабоко поделената. Опозицијата имаше контрола над Конгресот на Венецуела избран на последните парламентарни избори, додека Владата, судството, полицијата и армијата се под контрола на Мадуро и неговата левичарска Социјалистичка партија.

Претседателот кого го обвинуваат дека воведува автократска власт во земјата, во говорот најави дека новото Уставотворно собрание ќе ја има контролата врз Владата и претседателот и дека ќе изработи нов Устав.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top