| четврток, 6 декември 2018 |

Скандалозниот закон за јазици ќе се гласа по годишните одмори

Дали СДСМ калкулира и купува време со новиот закон за јазици? Законот деновиве влезе во Собрание но ќе биде изгласан пред локалните избори, на таков начин СДСМ би направил компензација со своите коалиционите партнери, а албанските партии би излегле со чист образ пред своите гласачи, објави Алфа, повикувајќи се на свои извори.

Дека предлог законот го крши Уставот и е надвор од она што е договорено со Охридскиот рамковен договор, се произнесоа голем број експерти. Професори- лингвисти пак испратија приговор до премиерот Заев. Велат дека голем дел од точките од законот за јазици се правно и суштински штетни за јазичната политика и дека проблематичен е и самиот наслов на Предлог-законот, со којшто, всушност, се имплицира дека македонскиот јазик е само еден од јазиците во РМ.

Приговор од Професорите Симона Груевска-Маџоска и Александра Ѓуркова, вработени во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Мора да се назначи дека на целата територија на Република Македонија, како и во меѓународните односи, според Уставот на РМ, како и според Охридскиот рамковен договор, е официјален само и единствено македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, што произлегува од унитарното уредување на нашата држава, а другите јазици можат да бидат во службена употреба во законски предвидените случаи.

Во приговорот до премиерот стои и дека не е јасно дали јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо се смета за Службен јазик и во Меѓународните односи на државата. Потоа дека се занемаруваат правата на граѓаните припадници на другите народи. Тие велат дека со основањето Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Македонија, албанскиот јазик се издига над сите останати јазици во РМ, вклучително и македонскиот, кои немаат посебна агенција и инспекторат со вакви надлежности. Тие понатаму прашуваат Дали е ова соодветна грижа за македонскиот јазик во РМ и дали можеби во РМ не се веќе потребни лектори по македонски јазик?

Професорката Ванковска пак на свој фејсбук статус напиша – Ако Правниот факултет (на УКИМ), но и сите останати правни факултети низ државава, не се произнесат ЈАВНО, ГЛАСНО и ИТНО околу неуставноста на предлогот на Закон за јазиците, тогаш и не треба да постојат.

За екс министерот за правда Михајло Маневски пак реализацијата на Тиранската платформа се спроведува со засилено темпо. Тој вели дека решенијата во предложениот Закон за употреба на јазиците се спротивни на Уставот на Р. Македонија. Исто така дека Предлог Законот за употреба на јазиците е спротивен на Амандманот V на Уставот на РМ и дека со овој закон неможе да се изменува Уставот или пак да се стави над него затоа што ниту еден закон не може да биде повисок од Уставот на една држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top