Со детскиот камп во Струга, каде што основците од земјава учествуваа во квиз-натпреварите за енергетска ефикасност, се заокружи и оваа учебна година училишниот проект на ЕВН Македонија. Преку најразлични игри, забава и едукација во детскиот камп знаењето го докажуваа учесници од сите петнаесет училишта во кои ЕВН Македонија годинава организираше континуирана настава за енергетска ефикасност.
Победници се учениците од ОУ „Дитурија“ од скопската општина Сарај, на второ место се пласираа учениците од ОУ „Братство и единство“ од Охрид, а трети завршија основците од „Лирија“ од Општина Чаир-Скопје. Електронски мини-сметачи, апарати за мерење на ефикасното трошење на електричната енергија, училишни прибори и други награди поделија најдобрите ученици.
Кампот се одржа во одморалиштето на Црвен крст „Солферино“ во Струга. Во склопот на кампот волонтери од повеќе младински организации работеа на изработка на едукативни игри во кои се натпреваруваа учесниците на енергетскиот квиз.
– ЕВН Македонија веќе шест години ја спроведува посебната програма за едукација на најмладите за разумно користење на електричната енергија. Оваа активност, која првпат во Македонија една компанија ја спроведе во ваков обем, е посебна и по начинот на реализација поради тоа што ја користи помошта од граѓанските здруженија. Проектот се спроведува во соработка со здружението „Конект“ како фасилитатор на активностите на терен на локалните организации: МАЦЕФ од Скопје, Младински Совет Охрид, Планетум од Струмица и Жетва на знаење од Прилеп. Искуството од соработката е многу позитивно, и проектот досега е добитник на повеќе награди за општествена одговорност – велат од компанијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.