Според првичните информации, во Скопје во фан-зоната на плоштадот Македонија и на најфреквентните локации овие неколку дена, пред и за време на одржување на Суперкупот, биле присутни над 100.000 лица – објави Макфакс.
Вчера Скопје беше домаќин на голем спортски спектакл, каде што на националната арена „Филип Втори“ силите ги одмерија двата најголеми фудбалски клуба во светот, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.
Скопје се покажа како одличен домаќин на оваа голема манифестација која помина во најдобар ред, а за впечатоците и организацијата на настанот се обратија градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, и секретарот на Фудбалската федерација на Македонија, Филип Поповски.
„Сметам дека бевме на ниво на задачата и дека Скопје се покажа како одличен домаќин и ги исполнивме сите барања и стандарди што УЕФА ни ги постави за одржувањето натпревар од овој ранг. Изминативе неколку дена Скопје го посетија голем број туристи и љубители на фудбалот, кои имаа можност да се запознаат со нашиот град, неговите убавини и култура и сигурен сум дека не останаа рамнодушни на сѐ она што имаме да им го понудиме“, рече Трајановски.
Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, ја искажа својата благодарност до сите страни што беа вклучени во проектот.
„Она што се случи вчера ни дава мотив и поттик да работиме и понатаму, дека ФФМ ќе аплицира и за други проекти за во иднина повторно да сме домаќини на големи натпреварувања. Ние како ФФМ, како социјално одговорна организација, се погриживме тоа да биде дел од свечената церемонија на отворањето на настанот, каде што со свој настап учествуваа учениците од „Партение Зографски“ со нивната интерпретација на хитот од Колдплеј“, рече Поповски.
Градоначалникот Трајановски најави дека активностите на градот во насока на збогатувањето на содржините за жителите на Скопје и посетителите ќе продолжат во наредниот период преку проектот „Супер Скопје“.
„Како што најавивме пред неколку недели, во соработка со менаџерите и сопствениците на угостителските објекти наредните неколку викенди, поточно секој петок и секоја сабота, на повеќе локации во Скопје ќе организираме настани и концерти на познати пејачи со цел на подобрување на понудата и ноќниот живот за време на летниот период“, рече Трајановски.
Оваа година „Супер Скопје“ започна со манифестацијата „Пиволенд“, а потоа таа ќе се префрли и на други локации. На 18 и 19 август забавата ќе се организира на Кејот 13 Ноември, на 25 и 26 август во Старата скопска чаршија, на 1 и 2 септември на улицата Македонија и на 8 и 9 септември на Боемската улица во Дебар Маало. Изготвувањето на програмата е во завршна фаза и сè уште се потврдуваат изведувачите и ќе бидат соопштени во наредните денови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст