| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ со интерпелација и за Димитров

ВМРО-ДПМНЕ покрена трета интерпелација по ред за министрите на СДСМ, а по Царовска и Николовски пред пратениците ќе се бара одговорност и од министерот за надворешни работи Никола Димитров.

– Има повеќе причини, но ќе наведам само неколку. Прва е брзоплетото и штетно потпишување на договорот со Бугарија. Честитаме на бугарската влада што се избори за своите интереси, но не и на него – рече пратеникот Антонио Милошоски посочувајќи дека со договорот Македонија не ги заштитила своите интереси и се откажала од македонското малцинство во Бугарија.

Како друга причина го наведе неименувањето и неупатување на Александар Николовски за амбасадор во Брисел.

– Иако Александар Николовски ги помина сите процедури, од МНР добивме заклучок дека постапката се прекинува. Ако можеше ВМРО-ДПМНЕ да го испрати Нано Ружин за амбасадор во НАТО зошто да не може СДСМ да го испрати Николовски – посочи пратеникот додавајќи дека владата не ги исполнува ветувањата за вклучување на опозицијата во сите процеси од национален интерес.

Меѓу причините Милошоски го истакна и немањето категоричен и јасен став во однос на притисокот кој се врши да се изградат кампови за мигранти во Македонија. Тие средства рече дека треба да се наменат за градинки, за образование итн.

СДСМ со реакција – ВМРО-ДПМНЕ е против добрососедските односи, Министерството за надворешни работи ја зајакнува меѓународната позиција на Македонија. Според нив со поднесената интерпелација за министерот за надворешни работи Никола Димитров, ВМРО-ДПМНЕ останува заробена во минатото и политиките на поделби, изолација, раздор и конфликти со што продолжува да работи на штета на државните и интересите на граѓаните.

-Со неоснованата интерпелација, ВМРО-ДПМНЕ докажува дека е против евро-атлантските интеграции и добрососедските односи и против решавање на отворените прашања, како што беше потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Договорот помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е целосно во согласност со националните интереси на нашата држава и во согласност со интересите на граѓаните на Македонија и на Бугарија. Договорот е основа за пријателство и взаемен успех на двете држави, а неговото потпишување е заеднички успех на сите досегашни влади и на сите граѓани. Целиот демократски свет го поздрави Договорот како значаен чекор во евро-атланстките интеграции и зајакнувањето на регионалната и меѓународна позиција на Македонија – велат од СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top