| четврток, 6 декември 2018 |

Илиоски: Апелација подлегна на политичките притисоци од СДС и СЈО

Дел од судиите на Апелацискиот суд решија да ја прекршуваат правдата и да се додворуваат на Заев и Јанева и центрите на моќ и со тоа се запишаа на темните страни на историјата, изјави денеска Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ пред Апелацискиот суд.

„Апелацискиот суд подлегна на политичките притисоци од СДС и СЈО и не ја исполни законската обврска дека судиите треба да одлучуваат врз основа на Уставот и законот. Со скандалозната одлука судот најдиректно го прекрши законот за кривична постапка, кој во член 12 став 2 вели доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“, рече Илиоски.

Според него, одлуката на судот е само гола политика, сериозен и незаконски преседан и отвора можност незаконски прибавени докази да бидат дел од постапката со што директно го прекрши законот за кривична постапка.

„Никаде во светот нелегално стекнати материјали не смее и не се користат во судски постапки. Тоа го има само во срамната одлука на Апелациониот суд. Спротивна на сѐ што се учи на правниот факултет и сѐ што се учи на сите правни факултети во светот, и на сето она што е како судска пракса и во Македонија и во светот. Од одлуката на апелација се срамат сите правници во државата“, додаде Илиоски.

Тој рече Заев вршел притисок за да се спасел себеси за криминалите во кои е заглавен и во исто време да го попречи ВМРО-ДПМНЕ да му застане на патот на неговата деструктивна и антидржавна политика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top