| четврток, 6 декември 2018 |

Владата го овластила кумот на Рашковски да се прави газда по македонските институции

На неодговорноста и аздисаноста на СДС и нема крај. Овие неспособни луѓе од СДС почнаа да ја третираат државата и нејзиниот имот како своја приватна сопственост. Тоа е неприфатливо за едно демократско општество како Република Македонија, изјави денеска на прес-конференција пред Владата, Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ.

-Непотизмот секогаш бил главна карактерна особина на СДС, но Драги Рашковски ги надмина сите непотистички потези на СДС. Овој документ покажува дека Владата на Република Македонија, преку генералниот секретар Драги Рашковски, го овластила адвокатот Дејан Костиќ, кој е кум на Драги Рашковски да свикува управни и надзорни одбори, да оди по институции, да ги притиска, да се однесува некултурно, буквално да дивее по македонските институции, да навредува и омаловажува. Значи кумот на Драги Рашковски се прави газда по македонските институции. Срамно, недостоинствено и неодговорно. Само затоа што Рашковски му е кум. Па кај го има ова? Па кој е должен да го трпи ова самоволие? Што се замислуваат овие луѓе од владата? Ќе следува одговорност за секого кој покажува вакво самоволие!, рече Честојнова.

Таа нагласи дека СДС сака да ги потчини институциите и целиот државен апарат под капата на неколку кланови во власта кои се блиски до кланот Заеви, и тие потоа да одлучуваат што и како ќе се случува во Република Македонија, кој и какво право ќе има.

-Во текот на викендов во десетици и десетици институции се врши буквален терор, самовластие, и се создава хаос. На диво, со сила, со уцени и навреди на крајно сомнителен и противправен начин се менуваат управни и надзорни одбори, се инсталира продолжеток на марионетската власт. Во неработни денови архивираат, без да ги запазат процедурите за известување и номинација, без да се почитува закон, без да се почитуваат рокови зададени со закон, шверцерски и недостојно се инсталираат врхушки блиски до кланот Заеви, рече Честојнова.

Создадоа димна завеса со законот за јазици, со незаконските одлуки на апелација која потклекна на притисокот, со штетниот договор со Бугарија и гледаме сега која била целта, на диво да влезат во институциите.

-СДС во текот на изборната кампања ветуваше реформи, за сега да гледаме само антиреформи, уназадување, заплашувања и притисоци спрема граѓаните. Ветуваа транспарентност а сега кумовите на кланот Заеви дивеат низ институции. Институциите не смеат да бидат под притисок на неколку луѓе од власта, државните службеници не треба да се тресат и да се плашат од луѓето на Заев и Рашковски. Република Македонија не е ничија приватна сопственост и СДС не смее да се однесува кон државата како кон колач кој ќе го поделат неколку фамилии од власта. Ова нема да трае долго. СДС нема да биде долго на власт, рече Честојнова.

Заради ваквата неодговорност и неспособност, нагласи таа, СДС ќе се соочи со политичка одговорност на следните локални избори и ќе биде целосно делегитимиран од страна на граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top