Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски вечер ќе ја посети неутралната фан зона која се организира по повод претстојниот УЕФА Супер Куп. Суперкупот ќе се игра меѓу двата најуспешни европски клубови, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.
Град Скопје, УЕФА, нејзините партнери и ФФМ изминатите денови ги спроведуваа подготовките во неутралната фан зона на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Низ градот се поставуваа билборди и мегалајти, а на 26 јули беше осветлено и Скопското кале во боите на Суперкупот.
Во неутралната фан зона ќе се реализираат сите активности, а останатите две зони, платото пред Спомен-куќата на „Мајка Тереза“ и плоштадот „Филип Втори“ ќе служат како точки за средба од кои навивачите на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид ќе тргнат кон националната арена „Филип Втори“.
Неутралната фан зона ќе биде отворена на 7. и 8 август, од 11 до 19 часот. Тука ќе бидат изложени трите трофеи на УЕФА, трофејот на Лигата на шампионите, трофејот на Лига Европа и Суперкупот и секој посетител ќе има можност да се фотографира со нив.
Трофеите ќе бидат поставени на 7 август, од 11 до 19 часот, а на 8 август од 11 до 16 часот. Поставувањето на трофеите е дел од „Трофеј турата“ организирана од страна на ФФМ, во чии рамки млади момчиња и девојчиња од цела Македонија се натпреваруваа да дојдат до финалните дуели кои ќе се одиграат на „грас рут“ игралиштето кое ќе биде поставено во неутралната фан зона. Момчињата ќе ги одмерат силите на 7 август од 11 до 13 часот, а девојчињата во исто време на 8 август.
Во зоната има места определени за 1 на 1 фудбал, шутирање пенали, фудбалски тенис и слободен стил фудбал. Експерти во слободен стил фудбал од Франција ќе ги покажуваат своите способности и ќе ги подучуваат заинтересираните. Секој ќе може да им се придружи и да научи нешто ново.
Покрај многубројните активности во неутралната зона ќе биде поставена голема бина каде на 7 август присутните ќе ги забавуваат DJ Branchez, DJ Mats, ContruDJ и Симона Попоска, а на 8 август DJ Bobi, DJ Dela, Brass Brothers и Сара Мејс.
Град Скопје очекува десетици илјади посетители и за таа цел се погрижи најголемиот дел од нив да бидат информирани за знаменитостите на Скопје преку промотивно видео и голем број брошури.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.