Со усвојувањето на Законот за употреба на јазиците Заев смета дека се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Македонија. Сите одредби во законското решение се согласно членот 5 од Уставот, а пакетот законски решенија го упатуваме на усвојување во парламентот. Откако ќе биде усвоен тој ќе биде испратен на разгледување пред Венецијанската комисија, со предложените отворени прашања кои не се дел од овој закон, изјави во Охрид Зоран Заев на презентацијата на усвоеното законско решение.
Според Заев, со понудените законски решенија се затвораат одредени прашања во интерес на граѓаните.
– Отворено и транспарентно информираме за политиките на Владата, нудиме решенија и горди сме поради тоа. Владата е определена на сите граѓани да им овозможи полесно да функционирааат во секојдневниот живот и во комуникациите со институциите. Го ветивме овој закон како дел од нашиот концепт „Едно општество за сите граѓани“, кој ја има поддршката од граѓаните и сметаме дека со негово усвојување покажуваме дека нема од што да бегаме, Владата покажува дека води грижа за сите граѓани. „Македонија за сите граѓани“ е концепт во кој силно веруваме. Новата Влада се определи за политики кои ја градат Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа, истакна Заев.
Тој појасни дека јазичните политики ќе се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници.
– Особено значајно, овој закон целосно ја гарантира употребата на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локалната самоуправа. Со законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, што значи дека законот согласно ова ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе им овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик, рече тој изразувајќи уверување дека на тој начин полесно ќе се комуницира со институциите.
Премиерот нагласи дека во иднина употребата на јазиците ќе зависи исклучиво од законот, а не од тоа кој раководи со институцијата.
Образложувајќи ги одредбите од предлог-законот за употреба на јазиците Заев рече дека понуденото законско решение за употреба на јазиците не оди надвор од границите на Уставот на државата и значи затворање на легислативниот процес околу употребата на јазиците.
Одговарајќи на прашања на новинарите во Охрид тој истакна дека Уставот на Македонија е јасен и се она што е во него е имплицирано и тука нема дилеми.
– Двојазични банкноти нема, двојазични униформи во Армијата нема, освен ако Венецијанската комисија потврди дека тоа е согласно Уставот, ние немаме предрасуди. Сето она што претставува значајно унапредување на квалитетот на животот на граѓаните од сите етнички заедници е вградено внатре, она што Уставот го пропишува и дозволува и она што е практична потреба на граѓаните Албанци, Роми, Турци, Бошњаци, Срби, истакна тој, притоа додавајќи дека ваквото законско решение било разговарано во минатото и меѓу ДУИ и ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст