Македонската кошаркарска репрезентација вечерва го игра вториот натпревар од групата Д од претквалификациите за СП 2019. Противник на нашите кошаркари е селекцијата на Естонија. По стартниот пораз од Косово во средата само победа е опција за Македонија.
– Ова е клучен натпревар за нас, особено по поразот од Косово. Мислам дека ќе мора со многу повеќе енергија да го одиграме овој натпревар и да стигнеме до победа. Голема помош очекувам од навивачите и се надевам дека салата ќе биде полна и ќе ја имаме потребната поддршка од нашиот „шести играч“ и да ја забележиме првата победа во групата- истакна капитенот Војдан Стојановски.
Вчерашниот утрински тренинг го прескокна Џордан Теодор поради стомачни проблеми, но селекторот Јорданчо Давитков истакна дека тој сигурно ќе биде во составот. Теодор со 22 поена беше најефикасниот наш играч на дуелот со Косово.
– Одигравме тежок натпревар со Косово, а Естонија е добар тим. Работевме напорно и мислам ќе бидеме подготвени за игра. Очекувам помош и од навивачите. Дел од нив за време на „Трофеј Македонија“ беа на одмор, но сега очекувам да ни помогнат да победиме- истакна Теодор.
Натпреварот Македонија – Естонија се игра во ВИП Арена во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот. Покрај овој дуел од претквалификациите од второто коло играат уште: Бугарија – Белорусија, Ерменија – Шведска, Австрија – Холандија и Босна и Херцеговина-Словачка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.