Претседателот на Достоинство, генерал Стојанче Ангелов, утринава реагираше со мошне долго и детално писмо на својот профил на „Фејсбук“ на коментарот на професорката Билјана Ванковска, исто така, објавен на Фејсбук.
Ванковска реагира дека бранителите ја загубиле војната од 2001 година од шака луѓе, а сакаат да ги гледаат како херои. На тоа Ангелов одговара дека тие не ја загубиле војната, туку политичарите.
Еве ги написите на Ванковска и на Ангелов.
Билјана Ванковска: „Прво, тие не биле бранители заради екстра доза на патриотизам, туку затоа што тоа им било работа или затоа што биле мобилизирани од државата. Второ, изгубија од шака паравоени формации, а сакаат да бидат перцепирани како херои. Ми се лоши веќе и од лажни херои (на двете страни) ама и од самовиктимизација. Аман, еднаш некои работи треба да се именуваат со вистинско име: Македонците изгубија и заради својата неспособност, ама и заради поддршката која УЧК ја имаше од надвор. Така и тие не се некои големи јуначишта“.
Стојанче Ангелов: „Почитувана професорке. Безмалку сите ваши тврдења во овој текст се неточни. И формално-правно и функционално.
Како прво, до ден денес не е дефинирано што се случи во Република Македонија во 2001 година. Дали имавме војна? Или субверзивна војна? Воена криза, воен конфликт, вооружен бунт? Борба за човекови права? Акти на насилство или терор? Или нешто друго? Единствено неспорно е дека во 2001 година во Македонија имаше борбени дејствија во кои беше употребен целокупниот потенцијал на македонската полиција и армија и во кои се гинеше.
Според член 22 став 1 од тогаш важечкиот Закон за внатрешни работи “во услови на воена состојба, работниците на Министерството се мобилизираат и ангажираат за извршување на борбени задачи или за други работи во врска со одбраната и безбедноста на Република Македонија“.
Член 23 од тогашниот Закон за одбрана предвидува дека “во воена состојба Полицијата може да биде употребена за извршување на борбени задачи како составен дел на Армијата“.
Според член 15, став 1, алинеја 12 од истиот закон “Претседателот на Република Македонија наредува употреба на полицијата за извршување на борбени задачи во воена состојба“.
Законот за одбрана донесен во јуни 2001 година (поради несогласувањата со претседателот Борис Трајковски, м.з.), во член 19, став 1, алинеја 11 оваа надлежност ја префрла во рацете на Владата на Република Македонија која “наредува употреба на полицијата во воена состојба како подршка на Армијата“.
Неспорно е дека во 2001 година во Република Македонија имаше борбени дејствија. Но воена состојба не беше прогласена. Затоа, припадниците на МВР, формално-правно не само што не беа должни туку не ни смееја да учествуваат во борбени дејствија бидејки не беше прогласена воена состојба. А тие учествуваа. И не само што учествуваа туку и јуначки се бореа секаде каде што за тоа ќе добиеја наредба.
Се сеќавам, во тој период бев командант во посебните полициски единици, кога во Тетово доаѓаа повозрасни полицајци (45-50 години) и директно се вклучуваа во извршување на борбени задачи. Замислете за миг како им било на полицајците од Гевгелија, од Струмица, од Берово… Полицајци кои немаат допирни точки со војување освен воената обука во полициското школо или во армијата кога имале по 17-18 години. И сега, 25-30 години подоцна, од мирните полициски станици во нивните места, доаѓаат во Тетово и се вклучуваат во директни, реални, понекогаш застрашувачки борби, во кои се пука со се и сешто. Борби во кои не се знае дали некој ќе загине, кој ќе загине, кој ќе биде ранет… Тие луѓе едноставно можеа да одбијат да одат во зоните со борбени дејствија. Дали беше полесно да се одбие наредба на претпоставен или да се замине на терен каде може да се загине? Или уште поедноставно, повеќето полицајци можеа да земат боледување и да останат дома наместо да ја бранат татковината. Но тие тоа не го правеа туку свесни за ризикот заминуваа на боиштата подготвени да се борат и, иако не им се правеше многу ќеиф, дури и да загинат за државата.
Сличен е случајот и со припадниците на Армијата. Во таа не толку далечна 2001 година постоеше забрана за внатрешен ангажман на Армијата што во слободен превод значи дека Армијата не смееше да учествува во никакви вооружени дејствија на територијата на Република Македонија освен во граничниот појас. Претседателот на Република Македонија можеше да нареди употреба на Армијата само доколку е прогласена воена состојба. Но како што реков, воена состојба не беше прогласена.
На поканите за мобилизација на резервистите пишуваше дека се повикуваат на вежба, но наместо на некој вежбовен полигон поголем дел од резервистите завршуваа на првата борбена линија, во зоните со борбени дејствија, каде учествуваа во извршување на директни борбени задачи.
Колку за информација одзивот на мобилизацијата во Армијата во тој период беше околу 30% што значи дека само 30 резервисти се јавуваа на поканата за мобилизација. Останатите 70 се криеја некаде или наоѓаа најразлични оправдувања како да ја избегнат обврската за одбрана на татковината.
Во вооружените дејствија влетаа и неколку стотина млади војници (од 18 до 20 години), кои беа на отслужување на воениот рок. И храбро се бореа во повеќе борбени акции. Лично бев сведок на неколку борбени ситуации каде учествуваа некои од овие млади војници.
Почитувана професорке. Токму како што велите Вие, но без цинизам или иронија. Да, безмалку сите ние учествувавме во одбраната на татковината поради “екстра доза на патриотизам“.
Почитувана професорке. Во 2001 година ние не изгубивме. Ние, припадниците на македонската армија и полиција, заедно со нашиот резервен состав, победивме. Победивме секаде каде што имавме наредба да војуваме. Изгубија политичарите. Но и покрај политичкиот пораз, ние успеавме да ја одбраниме нашата македонска територија која беше цел на нападот. За жал, денес на таа иста територија повторно и се заканува опасност а вие, иако најверојатно несвесно, сте соучесник на оние кои претставуваат опасност за македонската територија.
Почитувана професорке, во 2001-та ние не војувавме против “шака паравоени формации“ туку војувавме против војската на Голема Албанија. Иако Голема Албанија формално не постои, во реалноста таа функционираше. Во 2001 ние војувавме против домашните албански екстремисти, кои против нас се бореа со помош на КЗК (косовскиот заштитен корпус) чии цели единици влегуваа на македонска територија и ги напаѓаа регуларните единици на македонските безбедносни сили. Потпомогнати со борци од Ослободителната војска на Прешево, Медвеџе и Бујановац (Република Србија) но и со логистичка помош од Албанија. И со понекој муџахедин. Од Босна или од арапските земји. Но и со по некој платеник или инструктор од некоја демократска држава.
Ќе се обидам во некој од наредните денови да ви раскажам неколку вистинити, реални борби во кои јас лично сум учествувал со надеж дека ќе ја промените вашата перцепција за нас македонските бранители од 2001-та. Бранители кои ја бранеа Република Македонија. Бранители кои ве бранеа и Вас и вашите деца.
П.С. Почитувана професорке! Не грешете душа. Не му дозволувајте на она самонаречено “здружение на бранители“ да ве провоцира до таа мера да пишувате вакви неиздржани работи. Повеќето македонски бранители се чесни и храбри луѓе кои не се согласуваат со ставовите на “здружението на бранители“ кое ве испровоцира.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.