| четврток, 6 декември 2018 |

Во Карпош нема загадување на воздухот, тврдат од Општината

Општина Карпош информира дека врз основа на официјалните извештаи за квалитетот на амбиенталниот воздух од 31 јули до 3 август годинава не се евидентирани надминувања на ниту еден еколошки параметар кои се мерат од автомониторинг станицата лоцирана во ОУ „Петар Поп Арсов“.

– Во текот на денешниот ден нашите инспектори интервенираа кај Момин Поток каде беше запален шут и организирано, заедно со граѓаните тој е изгаснат. Нашите комунални инспектори постојано, односно 24 часа се на повик, а на терен се и во попладневните часови и во сабота и во недела, соопшти општина Карпош.

Во однос на превентивното делување, општина Карпош и стручните служби реализирале неколку инспекциски надзори во вечерните часови. Во акцијата спроведена на локацијата кај Воена болница, во заедничка координација со МВР и со Центарот за социјални работи., била иселена група на граѓани кои собирале и палеле секундарен отпад.

Вонредни инспекцииски надзори биле направени на потегот Момин поток, по улицата „Скупи“ и Телевизија Канал 5. Лоцирана била дива депонија која била опожарена и имала влијание на амбиенталниот воздух поради што се почувствувала непријатна миризба на чад од запалени гуми, но сторителите не биле пронајдени.

Инспекциските служби на општината во изминатиов период извршиле увид и долж течението на реката Вардар, од мостот Газела, Канал 5 телевизија со хотелот „Александар Палас“, се до болницата „Систина“ и утврдени се неколку депонии. Општина Карпош информира дека во координација со ЈП „Паркови и зеленило“ тие наскоро ќе бидат исчистени.

Општина Карпош информира дека располага само со еден овластен инспектор за екологија, а направени се контроли на 54 перални и механичерски работилници и над 50 сендвичарници и угостителски објекти како потенцијални загадувачи. Во делот на контрола на бучавата направени се 30 мерење и изречени се 28 казни. На секое мерење покрај акредитираната фирма за мерење бучава, присуствувал и нивниот овластен инспектор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top