| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија и Катар ја интензивираат економската соработка

Висока делегација од Катар, предводена од државен министер за надворешни работи на Катар Солтан бин Саад Ал Мураики оствари средба со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со заменик-министерот за надворешни работи на Република Македонија, Арта Точи.

На средбите беa разменети мислења за нивото на билатералните односи меѓу двете земји, како и за можностите за интензивирање  економската соработка.

Државниот министер за надворешни работи го запозна претседателот Иванов со актуелните предизвиците со кои се соочува Државата Катар и искажа интерес за случувањата во Република Македонија.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија со посебно внимание ги следи случувањата во регионот.

Се надевам дека Државата Катар и лидерите од регионот низ дијалог и со заемен ангажман на мирен начин ќе придонесат за намалување на тензиите и обезбедување на стабилност и безбедност. Потребни се мудри решенија со кои ќе се стави крај на актуелната криза, истакна македонскиот претседател.

На средбата беа разгледани можностите за економска и трговска соработка меѓу двете земји, за реализација на конкретни инвестициони проекти, како и за  потребата од натамошно унапредување на правната рамка меѓу двете земји.

Заменик-министерот Точи подвлече дека Република Македонија ги следи состојбите во регионот на Заливот и се надева дека преку конструктивен дијалог и на мирен начин Државата Катар и нејзините соседи ќе најдат излез од актуелната криза, со што ќе се намалат тензиите и обезбеди стабилност и безбедност во регионот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top