| четврток, 6 декември 2018 |

Пожарот на Матка се шири кон Шишево

Попладнево пожар избувнал и на Матка и се шири кон браната и кон село Шишево, информира Центарот за управување со кризи.

Според ЦУК, гори мешана шума од левата страна на браната Матка, на непристапен терен. Пожарот се шири кон браната Матка и кон планината Водно. Околу 15.30 часот пожарот се префлил и на десната страна од браната и се шири кон селото Шишево. Неколку екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје се испратени на терен.

Пожарот кај скопското село Студеничани е се уште активен. Активен е и пожарот во село Требовље, кај Македонски Брод, како и пожарот кај Лутоец, во атарот на селото Растеш кон населеното место Заград. Активни се и пожарите кај село Подвис кон село Локвени во општина Кривогаштани, како и кај гостиварското село Корито.

Во моментов за пожарот во атарот на село Требовље, во општина Македонски Брод ангажирани се припадници на АРМ, дав хеликоптери, еден од АРМ и еден од соседна Бугарија, Бригадата за противпожарна заштита – Скопје, месното население од селото Растеш и доброволци од Тетово, ЈП „Македонски шуми“-Македонски Брод.

Вработени на ЈП „Македонски шуми“ од Македонски Брод се ангажирани за дејствување на пожарот во село Девич, кој е ставен под контрола.

Активен е и пожарот во атарот на село Подвис кон село Локвени каде што гори нискостеблеста деградирана дабова шума. Попладнето пожарот во делот кон село Локвени е локализиран, но се префрла по ридот накај селата Алданци и Норово. Пријавен е пожар на нискостеблеста дабова деградирана шума во атарот на село Житоше, а на терен се вработени од ЈП „Липа“. Пожарот е делумно локализиран, но екипата е се уште на терен и работи на целосно изгаснување.

Во пожарот кај село Корито, кој од лева страна, односно од селата Гургурница и Порече се движи кон село Корито, гори сува трева. За гасењето на пожарот испратена е екипа на „Македонски шуми“ Гостивар, а месното население веќе дејствува.

„Македонски шуми“-Тетово интервенираат на опожарена нискостеблеста шума и сува трева над село Копанце, општина Јегуновце.

Според ЦУК, станува збор за пожар кој пред четири дена беше активен од страната на селата Радуша и Дворце од скопскиот регион. Направен е пресек за пожарот да не се спушти надолу кон селото каде што има и мала шума. Засега нема опасност од проширување и опожарување на шумата.

Пожарот кај скопското село Студеничани е се уште активен.

Околу 12 часот денеска е локализиран пожарот во атарот на село Видовиште, кој се движел во правец на манастирот „Света Петка“. Состојбата се следи, а на терен се останати екипи од Територијалната противпожарна единица и Шумското стопанство „Осогово“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top