| четврток, 6 декември 2018 |

Марио Цветковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Нѐ чека многу работа и нови победи, на Куманово му се потребни промени

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ безрезервно му даде поддршка на младиот Марио Цветковски, кој беше избран за нов член на Извршниот комитет на партијата. Дваесет и петгодишниот Цветковски е дипломиран правник од Куманово. За својот роден град со жалење констатира дека е застанат во времето, но тоа не го обесхрабрува, напротив, му претставува мотив да направи повеќе за да се придвижат работите на подобро.  За неговите планови и перспективи разговараме непосредно по изборот за член во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ

Кој е Марио Цветковски и што ќе понуди за ВМРО-ДПМНЕ?

ЦВЕТКОВСКИ: По образование сум дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, моментно на постдипломски студии на истиот факултет. Роден сум во Куманово во 1992 година, во работничко семејство. Целиот период на образование немам испуштено ниту една обука и курс за лично надградување, здобивање нови знаења, вештини и способности. Имам учествувано на неколку школи за млади лидери и претприемачи. Во слободно време сакам да читам книги и да се занимавам со спорт. Зборувам англиски јазик, ме интересира технологијата и ги следам новите достигнувања.

Првите активности во партијата ги започнав во 2009 година, секако почнувајќи од Унијата на млади сили. На располагање ги ставам сите мои знаења. ВМРО-ДПМНЕ е место каде што се спојуваат различни капацитети, карактери, идеи, и тоа дава квалитет. Знаењето, креативноста и стратегијата што ја имаме комбинирани со новата енергија и пристап, секако, треба да донесат успех. Во Извршниот комитет доаѓам со голема мотивација и со огромна желба за да придонесам и во партиското и во општественото живеење.

Пред сите нас е период на многу работа, на одлуки и ставови и нивно промовирање. Се работи за иднината на Република Македонија, ние имаме стратегија, знаеме каде одиме, кои сме и што сме, и дека работиме за Македонија. Брзо ќе се видат резултатите од нашата работа.

Зошто токму ВМРО-ДПМНЕ бил твојот избор во далечната 2009 година?
ЦВЕТКОВСКИ: ВМРО- ДПМНЕ е моето второ семејство. Таму ги пронајдов најхрабрите, најмудрите. Научив што е љубов кон татковината и во добро и во лошо. ВМРО-ДПМНЕ е мојот избор, затоа што Република Македонија е мојот сон. Што ќе сонуваме и за што ќе работиме зависи од нас и од никој друг. Патот на ВМРО- ДПМНЕ има иднина за победа само на единствена Македонија и не се откажувам од тоа.Човек што не си ги љуби татковината и семејството, никогаш нема да открие која е вистинската смисла и големината на таа љубов. ВМРО-ДПМНЕ не е само партија, тоа е иденитфикување со историјата на македонскиот народ длабоко врежана во постарите генерации, идентификување со јазикот, химната, државноста. ВМРО-ДПМНЕ значи Република Македонија. Познавањето на историјата на македонскиот народ е почит кон претходните генерации и предност во градењето на новата стретегија и концептот на новата иднина. Непознавањето на историјата значи дека не можеме да се движиме напред. Колку добри одлуки ќе донесеме во иднина ќе зависи од тоа колку темелно ја познаваме историјата. Типичен пример за лоша одлука е последниот Договор за добрососедство со Бугарија, чијшто потписник е Зоран Заев.

Што ќе му понудите на македонскиот народ и на градот од кој доаѓате?

ЦВЕТКОВСКИ: На Куманово му требаат младите и нивната енергија. Ќе понудам работливост, отвореност, отчет и чесност. Граѓаните гледаат кога нешто се прави од срце и сигурен сум дека поддршката ќе биде безрезервна. Големината во политиката е во објективноста и во отчетот, и во резултатите, ќе се ангажираме сите за уште промени и придвижувања. Во овој момент ни е потребна посветеност и капацитет за нови стратегиски потенцијали и квалитет во работата. Куманово како град е застанат во времето, речиси 27 години граѓаните не видоа ниту почуствуваа некаква промена од сегашната власт таму. За бесперспективноста е одговорен СДС. Освен редовните скандали, кои е невозможно да ги одбегнат нивните функционери, корупција и слично, нема други новости. Во моментов единствено решителноста на младите луѓе, желбата и посветеноста можат да ги придвижат работите на подобро. Секој чекор е важен за следниот чекор, мора да се надминат слабостите и да се концентрираме на целта. Гледајќи ја сегашната безидејност и загубеноста на властите во сопствените лавиринти на скандали, желбата за промени е голема. Мора да се поставиме над таквите луѓе и енергијата, идејата и стратегијата правилно да ги канализираме кон целта. Секој пат не води кон успех, како што и секоја победа не доаѓа случајно. Вистината е на наша страна. Нѐ чека голема работа. Но, и нови успеси и победи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top