| четврток, 6 декември 2018 |

На тајна локација ќе се отвора центар за жени-жртви на семејно и сексуално насилство

Центарот, чија локација ќе биде тајна, има капацитет за сместување на 10 лица, а ќе се подготват интерни документи, протоколи и протоколи за постапување со цел сите засегнати страни да ја имаат својата улога за заштита на жртвите. Партнери во менаџирање на овој центар, ќе бидат граѓанските организации

Отпочнување процес за ратификација на Истанбулската конвенција или конвенција за спречување и заштита од насилство врз жената вклучително и домашно насилство, е еден од приоритетите на Владата заедно со сите министерствата.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која рече дека сето тоа бара интервенција од државата, но и поддршка и отворање можности за користење меѓународни фондови. Таа им се заблагодари на агенциите на Обединетите нации кои уште во првите сто дена од Владата го поддржуваат процесот за подготовка за ратификација на Истанбулската конвенција, но и за претходно отворање сервиси.

– Сексуалното заедно со семејното насилство претставуваат најдоминантен облик на родово базирано насилство. Како Министерство за труд и социјална политика сме во процедура и подготовка за отворање на центар за заштита од сексуално насилство, што би значење сместување на жртви кои го преживеале откако ќе поминат низ трите центри кои Министерството за здравство ќе ги отвори, посочи Царовска.

Нагласи дека во центарот, чија локација ќе биде тајна, има капацитет за сместување на 10 лица, а ќе се подготват интерни документи, протоколи и протоколи за постапување со цел сите засегнати страни да ја имаат својата улога за заштита на жртвите. Партнери во менаџирање на овој центар, потенцира, ќе бидат граѓанските организации.

– Потребен е сеопфатен закон кој ќе ги третира сите видови родово базирано насилство. Ова е само еден дел од услугите што се потребни да се воспостават согласно конвенцијата. МТСП пред две недели отвори повик за поддршка на граѓански организации кои ќе менаџираат центри и други тип услуги за семејно насилство. И тоа е исто така пакет на услуги кои се потребни да се нудат, а се утврдени со конвенцијата која Македонија треба да ја ратификува, додаде Царовска.

На прес-конференцијата се обрати и министерот за здравство Арбен Таравари, кој рече дека ќе се отвораат три шелтер центри за пријавување семејно насилство и тоа во Скопје, Куманово и Тетово, кои ќе функционираат во рамки на болниците.

Посочи дека заедно со МТСП и Програмата за развој  на ОН ги почнуваат подготовките за ратификација на Истанбулската конвенција, а тоа е усвојување на подобри политики и практики за елиминација на насилството врз жените.

– Истанбулската конвенција е фокусирана токму на насилството врз жените и девојките посебно во делот на сексуалното и семејното насилство, а ратификацијата на оваа конвенција ќе овозможи покоординиран и институционален одговор кон сите видови насилство врз жените. Истанбулската конвенција како меѓународен документ содржи најсеопфатни законски решенија и политики за заштита на жените. Ова прашање ќе биде едно од приоритетите на Министерството за здравство, додаде Таравари.

Постојаниот координатор на Обединетите нации и претставник на Програмата за развој на ОН, Луиза Винтон осврнувајќи се на почетокот на новиот проект чија цел е да и е помогне на земјата да се подготви да ја спроведе Истанбулската конвенција за спречување на насилството против жените, рече дека средствата за финансирање на оваа иницијатива во износ од 300.000 долари се од УНДП.

Потенцира дека согласно утврдените статистики во други европски земји, една од три жени во Македонија ќе биде жртва на некоја форма на родово-засновано насилство во текот на нејзиниот живот, а во светски рамки еден од секои шест луѓе ќе биде жртва. Токму поради ваквите статистички податоци, нагласи, ОН го гледа насилството против жените како една од најзастапените повреди на човечките права во светот.

– Истанбулската конвенција содржи сеопфатна законска и институционална рамка која не се фокусира само на заштита на жртвите и на казнување на сторителите, туку сака и да спречи насилството да се случи. А во неа се вели дека единствениот начин да се направи ова е да се постигне целосна еднаквост меѓу мажите и жените, со елиминирање на сите форми на дискриминација, родови стереотипи и промена на ставовите, додаде Винтон.

Одговарајќи на новинарско прашање Царовска рече дека до крајот на годината ќе бидат отворени центрите и појасни дека прво мора да донесат подзаконски акти и акти кои ќе регулираат како тие ќе работат, како и протоколи. – После тоа почнуваме во подготовка со УНДП за опремување со стручен кадар, додаде Царовска.

Одговарајќи на новинарско прашање Таравари рече дека се во комплетна координација со болниците каде ќе функционираат центрите.

– Просторот ќе биде обезбеден и кога ќе бидеме координирани и со законските норми кои треба да се донесат, центрите ќе можат да почнат да функционираат. Пред нова година тие ќе почнат да функционираат, додаде Таравари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top