| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ го слави Илинден помеѓу народот (видео)

Повеќе партиски делегации на ВМРО-ДПМНЕ денеска положија цвеќе на повеќе локации по повод Илинден, оддавајќи им почит на паднатите жртви. Цвеќиња беа положени во село Смилево, битолското село Трново, пред споменикот на Методија Андонов-Ченто во Прилеп, кај меморијалниот центар АСНОМ во село Пелинце, како и во струшкото село Ташмаруништа.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од пратеникот Антонио Милошоски се поклони денеска пред споменикот на Даме Груев во неговото родно Смилево.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев смета дека годинашниот Илинден е празник на поделени чувства, а во Пелинце, по повод прославата, во официјалните говори, како што изјави, македонскиот народ и Македонците, не беа спомнати.

– На Денот на востанието на македонскиот народ, тука, во Пелинце, ниту еднаш не беше спомнат македонскиот народ, не беа спомнати Македонците. На денот на вториот Илинден од епопејата на народноослободителната борба не беше спомната борбата против фашизмот во официјалните говори, истакна Ѓорчев.

Среќни сме, додаде, за празникот, но исто така и секој Македонец го допира она што во моментов и се случува на Македонија.

– На чествувањето на македонскиот државен празник 2 Август, годинава, за разлика од претходните години, присуствуваат помал број луѓе од Куманово и соседните општини, посочи Ѓорчев.

Според него, Македонија продолжува понатаму, Македонија е секое семејство, секој човек, катче, населба што ја љуби Македонија.

– Илинден е потсетник дека Македонците се борат за своите правдини, дека даваме порака кон сите граѓани на Македонија, дека Македонија не може да биде покорена. Македонија е слободна и сака да го има она што го имаат и другите, не се согласува на помалку, Македонија има свој идентитет, наследство и самобитност и слобода, изјави Ѓорчев.

Одговарајќи на новинарско прашање во кое својство е дојден на Пелинце, како пратеник или како дел од партиска делегација, Ѓорчев рече дека тука е за да оддаде почит на Илинденците, партизаните и на она што се нарекува борба за македонска самобитност и непокор.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Прилеп положи свежо цвеќе пред спомен обележјата на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Ѓорче Петров, Пере Тошев и на „Могилата на непобедените“.

-За жал овој Илинден, 2 август 2017 година е многу тажен ден затоа што вчера почна разнебитувањето на македонската држава. Вчера се започна со промената на македонската историја. Оддадовме почит и во гробницата каде што се наоѓаат 615 херои од Народно ослободителната борба. Најголемиот дел од нив убиени од бугарскиот окупатор. Денес се поставува прашањето од наредната година кого ќе чествуваме, чие име ќе славиме ако ни ги променат учебниците и ако не ни дозволат да ги споменуваме овие херои?, праша Ане Лашкоска.

Петар Ристески истакна дека Илинден е темелот на македонската државност.

-Ако во 1903 е поставено семето на државноста, а во 1944 со АСНОМ конечно сме добиле самостојна, независна држава, се остварил вековниот стремеж на Македонецот, штета е денеска некои да го разнебитуваат сето тоа што некој се борел со векови да го создаде, истакна Ристески.

За жал тоа што се случи вчера со потпишувањето на непринципиелниот договор од страна на Владата на Македонија и премиерот на оваа влада со бугарската влада, отвора сомнежи за разнебитување на македонскиот народ, разнебитување на македонските национални интереси и ние како ВМРО-ДПМНЕ во првата прилика, кога ќе имаме можност да го разгледаме и да влијаеме на договорот, истиот ќе се преразгледа и ќе биде изменет.

Ова го истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, кој денеска за Илинден присуствуваше на Семакедонската средба во село Трново, битолско.

-Ние како партиска делегација секогаш присуствуваме на настанот кој што се организира од здруженијата на Македонците од Егејот и од Светскиот македонски конгрес и останатите, и даваме поддршка за нивните размислувања, се` во насока на обединување на македонскиот народ. Овој голем празник ни дава можност да се обединиме сите, рече Илиоски и на сите граѓани им го честиташе празникот.

Партиска делегација предводена од Александар Николоски, Лилјана Затуроска и Дејан Пауновски положи цвеќе на Споменикот на двата Илиндена во село Ташмаруништа, Струшко.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top