| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ предлага зголемување на платите во јавниот сектор за пет отсто

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во Собранието поднесоа предлог-закон за зголемување на платите во јавниот сектор за 5%, истакна Зекир Рамчиловиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Овој закон предвидува зголемување на платите во јавниот сектор за 5% во 2018 година и дополнително зголемување од 5% во 2020 година. Со овој предлог-закон се предвидува зголемување на платите на вработени во државната и јавната администрација, значи здравство, образование, полиција, војска и јавни претпријатија. Истиот закон претставува изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ и претставува реална потреба за вработените. ВМРО-ДПМНЕ изразува задоволство што овој закон помина на Собраниската Комисија за труд и социјална политика каде што доби поддршка и од пратеници кои не се дел од нашата коалиција, и тоа е еден позитивен момент кој не охрабрува дополнително дека овој закон може и секако би требало да биде усвоен од страна на парламентот, што би довело до крајната цел до зголемување на платите во јавниот сектор, подвлече Рамчиловиќ.

Предлог-законот, додаде тој, наскоро ќе се најде и на Собраниска седница и ВМРО-ДПМНЕ искрено се надева дека СДС ќе се надмине себе си и партиските интереси и ќе даде поддршка за истиот.

Овој закон за зголемување на платите е реален и остварлив. Буџетот е во добра состојба, проекциите за идната година исто така говорат дека може да се обезбеди квантумот на средства за зголемување на платите, и тоа би довело до поголем број на позитивни ефекти, односно ќе се зголеми стандардот на семејствата, ќе се зголеми можноста за јавна потрошувачка што би имало позитивни влијанија и врз другите сектори. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш изразува искрена надеж дека овој закон ќе наиде на поддршка од сите политички партии во Собранието, бидејќи секако е за добро за сите вработени во јавниот сектор и ќе значи и мотивација за реално зголемување и на платите во приватниот сектор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top