
Без македонството, Македонија е само форма без суштина. Без македонството, македонскиот народ го сведуваат на аморфна маса што може да се моделира според желбите на туѓинците. Борбата за национална и за социјална слобода на Македонија нужно подразбира македонство, порача претседателот на Република Македонија во своето обраќање по повод Илинден.
Иванов упати порака до двајца поранешни претседатели на две соседни држави, членки на Европската Унија и НАТО.
– Првиот не предупреди дека со македонизмот вратите во НАТО и Европската Унија ни се затворени. Вториот, пак, рече дека Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот. Двајцата навидум добронамерно не советуваа да ја соблечеме наметката на македонизмот, и да ја оставиме пред прагот на евроатлантскиот дом. Двајцата поаѓаат од претпоставката дека таа наметка е нешто туѓо, крадена роба што некој ни ја подметнал или ни ја продал на црно. Тие тврдат дека македонизмот е лага со која ја криеме вистината за тоа кои навистина сме, порача Иванов.
Претседателот додаде дека нивниот совет би бил на место, доколку навистина стануваше збор за лажна прекривка.
– Но, не е така едноставно. Македонизмот е македонството. Тоа е дел од она кои сме. Македонството е нашиот образ и нашиот идентитет, она по што другите нè препознаваат и она по што и ние самите се препознаваме во огледалото на историјата. Македонството е нашето име и творештво, нашата култура и традиција, нашиот македонски јазик, нашиот 7/8 музички такт, нашиот македонски модел на соживот и на почитување на различноста. Македонството е нашиот автентичен светоглед што нè прави она што сме. Македонството е израз на нашата самоидентификација, порача македонскиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани


