| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Да се сплотиме околу државните и националните интереси на Република Македонија

Поради нашиот македонски идентитет, нам ни се оспорува правото на просперитет, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во обраќањето по повод одбележувањето на државниот празник Илинден, пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, во Скопје

-За да создаваме услови за просперитет во нашиот глобализиран свет, неопходно е да бидеме дел од Европската Унија и НАТО. Токму членството до сега требаше да ни овозможи конечно да ја достигнеме целата слобода. Но, на тој пат, ние, како држава сме уценети. А цената е висока, премногу висока, истакна македонскиот претседател.

Иванов потсети дека иако Македонија ги исполнуваше критериумите за членство во НАТО и за почеток на преговори со Унијата, кон земјата беше направена неправда.

– Ниту една земја-членка на својот европски пат не се соочувала со прашањата на кои ние секојдневно трошиме време, енергија и трпение.  Од ниту една друга земја членка не се бара она што се бара од нас – негирање на правото на човечко достоинство и самоидентификација, истакна претседателот.

Во изминативе пет години, посочи Иванов, двајца сега веќе поранешни претседатели на две соседни држави, членки на Европската Унија и НАТО кажаа една иста работа. Првиот не предупреди дека со македонизмот вратите во НАТО и Европската Унија ни се затворени. Вториот, пак, рече дека Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот. Двајцата навидум добронамерно не советуваа да ја соблечеме наметката на македонизмот, и да ја оставиме пред прагот на евроатлантскиот дом. Двајцата поаѓаат од претпоставката дека таа наметка е нешто туѓо, крадена роба што некој ни ја подметнал или ни ја продал на црно. Тие тврдат дека македонизмот е лага со која ја криеме вистината за тоа кои навистина сме, рече претседателот Иванов во обраќањето.

Претседателот додаде дека нивниот совет би бил на место, доколку навистина стануваше збор за лажна прекривка.

– Но, не е така едноставно. Македонизмот е Македонството. Тоа е дел од она кои сме. Македонството е нашиот образ и идентитет, она по што другите не препознаваат и она по што и ние самите се препознаваме во огледалото на историјата, порача Иванов.

– Без македонството на македонските преродбеници од 19 век, немаше да го имаме првиот Илинден. Без македонството на македонските партизани, немаше да го имаме вториот Илинден. Без македонството на македонските граѓани, немаше да ја имаме независна и суверена Република Македонија. Бидејќи без македонството, Македонија е само форма без суштина. Без македонството, македонскиот народ го сведуваат на аморфна маса што може да се моделира според желбите на туѓинците. Борбата за национална и социјална слобода на Македонија нужно подразбира македонство. Затоа, споменот за нашите борци и херои го негуваме и преку спомениците кои ги гледаме околу нас на овој плоштад, во овој град. Бидејќи, без помнење, нема иднина, истакна македонскиот претседател во обраќањето по повод одбележувањето на Илинден.

Иванов рече дека македонството не се само празниците и спомениците посветени на нашите херои. – Македонството е многу, многу повеќе од тоа. Македонството е доследно почитување на нивното дело, чекорење по нивниот пат, ширење на нивните вредности, кои до сега требаше да бидат и наши вредности: вистината, правдата, солидарноста, слободата на совест и мисла, демократијата, човековите права, сплотеноста околу државните интереси, и пред се, љубовта кон Македонија. Проблемот е што не останавме доволно верни на нивниот завет. Скршнавме од патот и залутавме во меѓусебни обвинувања и погубни реваншизми, рече во обраќањето македонскиот претседател.

-Членството во Европската Унија и НАТО неминово бара жртва. Но за секоја жртва е потребен широк национален и државен консензус. Да внимаваме да не го жртвуваме она за што нашите предци се жртвувале. Да не го жртвуваме идентитетот, порача шефот на државата.

Честитајќи го празникот Илинден, претседателот Иванов повика на три работи, посочувајќи дека целта на нашите Илинденци, партизани и АСНОМ-ци беше слободата од ропство, а целта на нашата генерација е слободата за просперитет.

-Прво, да го задржиме континуитетот со првиот и вториот Илинден, со Крушевскиот манифест на соживот и АСНОМ-ските документи за државност. Второ, да ја продолжиме борбата против новиот фашизам, против исклучивоста, ксенофобијата и омразата, против радикализмот, екстремизмот и тероризмот. Трето, да создадеме широк македонски фронт во кој ќе има место за просперитет на сите чесни Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци независно од идеолошката или политичката припадност. Да ги оставиме по страна меѓусебните обвинувања и погубните реваншизми. Да се сплотиме околу државните и националните интереси на Република Македонија. Затоа што само сплотени ќе успееме да изградиме Европска Република Македонија. И со тоа конечно да го изодиме патот до слободата, порача македонскиот претседател.

По повод одбележувањето на државниот празник Илинден претседателот Иванов положисвежо цвеке пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“, пред споменикот на Никола Карев пред зградата на Собранието и пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на Плоштадот Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top