| четврток, 6 декември 2018 |

Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија – еден чекор напред, два назад

Македонците од Швајцарија изразуваат голема загриженост за најавеното склучување на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и за негативните последици по унитарноста и државноста на Македонија, за името на државата и идентитетот на нацијата. Неколку здрушенија од Швајцарија упатија писмо до медиумите во кое нагласуваат дека македонската дијаспора насекаде во светот ја ужива довербата и подршката во
земјите каде што престојува, преку помагање и создавање на услови во промоцијата,
развивањето и негувањето на македонскиот јазик, култура и традиција.

„На различни начини овие земји го прифаќат и го одобруват овој позитевен тренд, бидејќи придонесува за подобра интеграција и асимилација во нивните опшества. За нив тоа е богатство и гордост да се има националности од целиот свет, што покрај социјалната ја збогатува и економската поврзаност и развиток. Само за пример би ја навеле Швајцарија, каде во градот Женева има околу 190 различни афирмирани националности.“

Поаѓајќи токму од ваквата светска реалност, како и принципите на Повелбата на Обединетите нации и демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа, а имајќи ги предвид развивањето на добрососедски односи засновани на рамноправни и еднакви основи, здруженијата на македонските организации во Швајцарија, и покрај неколку позитивни предлози, го отфрлат овој договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија во а актуелната форма на потпишување, поради повеќе причини:
1. Како прво, и покрај убаво изнесените принципи на засновање на добрососедските односи, тој во суштина го прави токму спротивното, и го искажува лицемерниот однос на една од странките потписници во однос на македонскиот народ, јазик и идентитет.

Член 11, став 4, 5, 6

Во ниту еден дел од договорот, не станува збор за македонски јазик, народ и македонски идентитет, туку се зборува за македонски јазик спрема Уставот на државата, што само создава дополнителна негативна осуда и омаложување на македонскиот народ.

Ако го ставиме тој дел во контекст со принципите и Повелбата на ООН како и реалната политичка слика на односите меѓу државите, ќе се види дека вакви договори не постојат, а универзалноста и вообичаената дипломатска практика треба да се применува и за Македонија, што не е таков случај.

Со самото откажување на правата и афирмацијата на македонското малцинство во Бугарија, новата македонска влада отвора простор и за други вакви недоречности и негација на Македонците насекаде во светот, што нормално се коси со сите светски меѓународни норми. Дали и Македонците во Швајцарија и Европа ќе треба да ја очекуват ваквата судбина од страна на својата држава?

Секако загрижуват и ставовите изнесени во член 8, став 3 во однос на заеднички чествувања на одредени историски личности и настани со кој се стреми да се докаже заедничката историја на двете држави, а со тоа и менување на целокупната македонска национална историја поврзано по тоа прашање. Овој дел е од посебно негативно значење, бидејќи се остава на политичкиот кор да го крои минатото, што секако е небулозно и спротивно на сите досегашни историски факти и документи кои стојат на располагање во разни светски историски архиви, библиотеки и музеи.

Во овој дел би додале дека е можно да се напредува во позитивна смисла, но под услов на заемно признавање и чин на извинување од страна на Бугарија за сите негативни дејствија во минатото на територијата на Македонија, како што е примерот на Германија со Франција и другите европски народи.

Значи признавање на геноцидот на еврејското население од Македонија, кое е истребено од некаде 98% од нацистичката Бугарија за време на окупацијата на Македонија за втората светска војна. На тоа треба да се додаде извинување за ѕверските немили настани кои Бугарија ги нанела на Македонија. Со тоа извинување би се свртело една страница во Историјата и би се тргнало кон заедничка иднина во Европската унија и НАТО. И навистина тој чин на извинување им овозможи на овие две големи европски држави, да го заборават минатото и да почнат да градат нови пријателски односи, како и да ги создадат темелите за нов напредок изразен преку креирањето на Европската заедница или Унија подоцна.

Поради сите наведени и други причини, и покрај добрата волја за градење на позитивна клима со соседна Бугарија, ние Македонците од споменативе здруженија во Швајцарија, се оградуваме од овој договор и го сметаме за ништожен и невалиден, бидејќи е спротивен на нашите европски сфаќања и принципи на добрососедство, заемно почитување и респект меѓу народите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top