Албанските политичари и аналитичари со пофални зборови за Зоран Заев по ставовите на струмичкиот градоначалник изнесени при гостувањето во емисијата „Патот кон…“ на Алсат М телевизија.
Изјавите на новиот лидер на СДСМ очигледно ги задоволија апетите кај албанскиот блок. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи го пофали Заев, а професорот Мерсел Биљали рече дека струмичкиот граодначалник е политичар на иднината.
-Мислам дека Заев е политичар на иднината, реален и не оптоварен и секако дека медиумите и самата владејачка партија нема да избираат средства за да го дискредитираат. Мислам дека структурата која во моментов е на власт, а која нема ништо заедничко со интересите на граѓаните, туку напротив, е со невидливи и недефинирани интереси во знак на поддршка на подземјето, објективно, уште во стартот сака да го дискредитира политичарот од нов калибар, што мислам дека е ориентиран проевропски и про – НАТО, смета проопозицискиот аналитичар Мерсел Билали.
Во партијата на Тачи сметаат дека ваквите ставови на новиот претседател на СДСМ се храбри и за поздравување.
-Храбро и за поздравување е признанието на Заев дека згрешиле во врска со етничката коалиција и со бранителите, вели за Дневник висок функционер од ДПА.
Ставот на Заев позитивно беше оценет и од владејачката ДУИ.
-Позитивно го оценуваме ставот на Заев дека СДСМ згрешил кога се согласи на етнички коалиции за Kичево и за Струга и што ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ за законот за бранителите. И за двете прашања тоа беше наш константен став. Ваквата позиција на Заев го враќа СДСМ на вистинскиот пат и ја прави модерна европска партија, смета портпарол на ДУИ, Бујар Османи.
За ТВ „Алсат-М“ Заев изјави дека македонските партии не морале веднаш да направат етничка коалиција во Kичево и во Струга.
-Се обидовме во неколку наврати да играме на политики на патриотизмот како партија на која што не ни доликува таа политика. И тука апсолутно загубивме. Чесно е да признаеме, за да бараме шанса, секако, за во иднина да не правиме вакви грешки. Од нас народот не очекува да изигруваме патриоти, ние сме државотворната партија, ние сме партијата што беше пример за мултиетничкиот соживот, ние сме партијата што ја стави на стабилни нозе оваа наша земја, така што обидувајќи се да ќариме поени кај граѓаните играјќи на патриотски варијанти, ќе набројам неколку: Законот за бранители, Струга, Кичево, многу варијанти не ни доликуваат на нас, социјалдемократите, рече Заев.
Тој и за законот за бранителите смета дека не требало безрезервно да застанат зад ВМРО-ДПМНЕ.
– Потребни се дијалог и договор, треба да се разговара за ова прашање. Решавање на барањата на семејствата на бранителите и на припадниците на ОНА е прашање за кое мора да се седне и да се разговара за да се најде решение, рече Заев.
За разлика од албанскиот блок, изјавата на Заев наиде на остра осуда од страна на Здружението на бранители „Бедем“, од каде оценија дека Заев ги израмнува Бранителите со припадниците на ОНА.
-На Зоран Заев очигледно не му е доволно јасно кој во 2001 година ја бранеше Република Македонија, кој го чуваше територијалниот интегритет и суверенитет. Недозволиво е тој да го нарекува Законот за посебни права на Бранителите за политичка грешка и решавањето на бенефициите на оние кои ја штитеа Македонија, да го става во пакет со некакви права на оние кои ни ја напаѓаа државата, изјави Горан Димоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.