| четврток, 6 декември 2018 |

Џафери ќе ги распише локалните избори на 6 август

Талат Џафери информира дека локалните избори ќе ги распише на 6 август, а тие треба да се одржат на 15 октомври. Поради активностите во Парламентот, пратениците ќе бидат на одмор од 8 до 25 август.

– По завршување на дебатата во Комисијата за финансирање и буџет до денеска до полноќ се отвора можност до свикување на собраниска седница за Буџетот да може да се работи на пленарна седница на оние заостанати седници меѓу кои е и дебата за разрешување на Зврлески, рече Џафери најавувајќи дека за утре ќе биде закажано продолжението на оваа седница, а во координација со пратеничките групи доколку се постигне договор Парламентот би можел да работи и во сабота и во недела.

 

Тој потврди дека на 2 август, Илинден, ќе се обрати во Крушево на Мечкин Камен.

– Според плановите на координативното тело и одлуката на Собранието, формиран е организациски одбор за одбележување на 2 Август, Илинден, и според системот на ротација редот е на претседателот на Собранието да биде присутен во Крушево и во тој контекст сакам да известам дека претседателот на Парламентот ќе се обрати таму, рече Џафери.

 

Што се однесува до законот за јазиците, Џафери истакна дека посоодветно е да се почекаат стоте дена од Владата и оти одговорот за тоа кога тој ќе биде ставен во собраниска процедура треба се бара во Владата.

Претседателот на Собранието рече дека имајќи предвид оти веќе е објавен и јавен Договорот за добрососедство со Бугарија, смета дека нема потреба од одржување итна седница како што бараше опозицијата, но дека сепак ќе се консултира со пратеничките групи.

Џафери на прес-конференцијата зборуваше најнапред на албански јазик, а потоа на македонски јазик. Одговарајќи на новинарско прашање рече дека за него не е провокација тоа што го искористил правото да зборува прво на албански јазик. Не кажа на кој јазик ќе се обрати на Мечкин Камен на 2 август.

– Прво и основно, уставното мое право како пратеник да можам да ги користам двата службени јазика во Република Македонија не може да се толкува и да се смета како провокација. Јас ги испочитував граѓаните и медиумите и да не мора да имате превод. Во тој контекст не соодветно е да се третира како провокација, но јас оставам тоа на граѓаните да ценат. Јас не го сметам за провокација, рече Џафери.

За одржувањето на редот во парламентарната сала за време на седниците и ставањето цртежи, Џафери рече дека тоа е рекација на пратениците кои не ги следат говорите.

– И покрај тоа што таму има сигнални и звучни можности  да укажувам на потребата дека едни со други треба да се слушаат, на тие што не разбираат можеби македонски, албански, не ги разбираат гласовните и звучните пораки, ми преостанува само со цртеж да им покажам дека треба да молчат додека другиот нивен колега, дали од опозиција или од мнозинството зборува на говорница. Тоа  е работа со која јас сум свесен дека ќе се соочувам и понатаму, вели Џафери.

Претседателот на Парламентот информираше дека во тек е тестирање на е-прозорец односно алатка за електронско пријавување на граѓаните за присуство на првата седница на Собранието по одморите во септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top