| четврток, 6 декември 2018 |

СДС те тужи, СДС те суди – Судските реформи по мерак на Заев

Ви пречи ли некој во остварувањето на плановите? Ви пркоси ли во исполнувањето на предвидените и зададени задачи (тогаш од Белград, сега од Брисел и од Вашингтон)? Ви „текнува“? Ве потсетува ли наведеното на некого? Па, и со временска дистанца од повеќе од шест децении, некои работи, желби и начин на дејствување, воопшто, и не се променети. Афинитетите на политичките атавизми, сосема случајно, како и еден телесен одвишок, постојано испливуваат на површината. Очигледно, во генетскиот код на „комуњарите“ е врежана силната и исконска потреба од помош и поддршка на т.н. „преки суд“, толку потребна алатка за елиминација на политичките противници. Велат дека најновата во редицата макијавелистички максими на партијата од „Павел Шатев“ била: „Менувам име и историја за судство и долго владеење...“

Полека, но сигурно, СДС на кој Македонија воопшто не му прилега, го остварува својот дамнешен сон за сопствено судство, партиски скроена параинституција, која ќе му помогне во остварувањето на мечтата за долго, слободно и безгрижно владеење, за кое, меѓу другото, е роден. Без конкуренција, се разбира, затоа што така треба да се работи, да се имаат идеи. Да се троши време на конструктивни работи, проекти, планови, нели…

А зошто сето тоа кога може истото тоа владеење, макар било и без резултати и со загуби за државата (нацијата и така не го засега), да го изведе без мака и непотребно малтретирање со работа и со слични „глупости“? На најдобриот начин, по линија на помал отпор и труд. Лезет, убавини, мераци, а за сета таа владејачка нирвана треба само едноставна елиминација на противникот. Ништо повеќе, ништо помалку. А сѐ што треба за оставување на меракот е „елиминатор“, востановен во ликот и наделото на сопствено ангажирано судство. Настрана, сето тоа создадено со амин на „чадорот“, кој ќе одобри сѐ, само за да му се исполни крајната „реформа“ за која ги насадил на „Илинденска“. Да, велат дека најновата во редицата макијавелистички максими на партијата од „Павел Шатев“ била: „Менувам име и историја за судство и за долго владеење…“

 

Партијата навикната на услугите на „преки суд“

Очигледно, во генетскиот код на „комуњарите“ е врежана силната и исконска потреба од помошта и од поддршката на т.н. „преки суд“, револуционерна алатка, која, без потреба од докази, буквално линчувала илјадници неистомисленици во поствоена Југославија.

Ви пречи ли некој во остварувањето на плановите? Ви пркоси во исполнувањето на предвидените и зададени задачи (тогаш од Белград, сега од Брисел и Вашингтон)? Го поставува ли тој некој националното над „реформите“? Се противи ли некој на создавање некаква заедничка историја? Прашува ли тој некој премногу и зборува лошо за вас?

Ви „текнува“? Ве потсетува ли наведеното на некого? Па и со временска дистанца од повеќе од шест децении, некои работи, желби и начин на дејствување, воопшто, и не се променети. Афинитетите на политичките атавизми, реликти од едно минатото време, сосема случајно како и еден телесен одвишок, постојано испливуваат на површината.

Првиот обид за преземање на судството, СДС без М го направи во 1996 година, кога во еден, единствен ден смени повеќе од 600 судии. Сепак, владееше уште само две години, па, најверојатно, и не успеа во сите планови за потчинување на сопствените избраници. Најверојатно, дел од нив сѐ уште активни. Избрани пред 21 година, сега голем дел од нив се во апелација или во основен. Логично, нели, речиси колку и силно аргументираните барања на опозицијата за укинување на несоодветните и нелогични мерки за внимателност за политичките противници на владејачкиот СДС.

Арно ама, логиката, очигледно, не е силна страна на истите тие судии, особено кога мораат да вратат стари долгови, едновремено вложувајќи во својата иднина и опстанок на позициите. Веројатно, и нивните деца еден ден ќе бидат судии, барем според старото, востановено социјалдемократско правило за поделба на општествените „добра.“ И функции…

Како поинаку да го објасните македонскиот судски феномен на двојните аршини? По ова непишано правило, едни те исти судии, кога се работи за различни партии, лидери, челници и партијци, имаат сосема различен однос. Правилото вели дека доколку лидерот или партиецот е од СДСМ, правдата замижува на двете очи, па лик осомничен за поткуп од стотици илјади евра, кого целата македонска јавност го слушна како го бара „не го лази мува“. Да, има и сведок, жив и здрав. Не пак, не дај Боже, да му одземат пасош на пучист што уценуваше актуелен премиер со „бомби“, па тие, надвор од сите закони и норми, ги исече, скрои, залепи според потребите и ги „испука“ пред истата таа јавност. Напротив, аболиран е за тоа. Настрана, по третпат во животот, еднаш Црвенковски, вторпат Иванов, третпат Јанева. Да не зборуваме за „Цареви кули“, непостојните патишта, гасификацијата на Струмица и стотината тендери дадени на сопартијци затоа што се најубави, нели. Во вториот случај имате само пусти индиции, нема трошка докази, ама има одземање пасоши. Пустиот тој „чадор“ и дузината емисари, кои не залудно „ораа“ по судови и по обвинителства. За потсетување, „орањето“ беше јавно, можете само да замислите што се случувало зад кулиси…

 

Реформаторските слуги и нивното право

Замислете да пуштите педофил да чува деца? Тоа, веројатно, само Шиндре би го оправдал, а Најчевска, пак, би го оправдала неговото оправдување. Иако, сега нема време за тоа, затоа што истата таа дежурна оправдувачка на разноразни девијации сега доби улога на „оправање“ на судството. Ни помалку, ни повеќе, туку заедно со Фрчко, Калајџиев и Цаца – Николовска?! Најблиска паралела би била на волци да им дадете да чуваат јагниња…

Реално, последниве може и да имаат абер од и за судство, иако се партиски војници „до коска“, но првите двајца немаат ни абер. Да, вториот, можеби, се запознал со него благодарение на лустрацијата, но, инаку, е политиколог. Да, Фрле не е правник, иако „наградно“ предава меѓународно право. Затоа што во првиот мандат имаше атентат на претседателот на државата, а во вториот го добивме „привременото“ име ПЈРМ, кое трае 22 години, нели. Најчевска, пак, по сите пари од Сорос, сега, најверојатно, работи на отелотворување на својата докторска дисертација „Редимензионирање на поимот на правната држава“, желна и орна со своите истомисленици да ги редимензионира државата, нацијата и историјата. Чуму не и судството. Да го направи според потребните димензии на Заев и на СДСМ, за добро да им служи долги, плодни години. Само што, најверојатно, на крајот на „гаранцијата“ веќе нема да биде „македонско“…

На крајот на краиштата, можеби во меѓувреме Бујар и Зоран ќе се договорат дали ќе го менуваат целосно или нема? Заев десетици пати вети дека ќе направи целосна „генерална“ смена во судството, а сега Османи го демантира?! Да, тогаш Заев беше во опозицијата и се враќаше на власт, па мораше да им предочи на судиите што ги чека доколку „не слушаат“ и судат според доказите и аргументираноста на постапките. Сега е на власт, нема потреба од такви глупости, „реформи“ и генералки. Сега, судите сами си знаат што треба да направат. А и „чадорот“ не е далеку да ги врати на „вистинскиот пат“, секако, доколку „застранат“…

Каракамишева-Јовановска: Судство како мајка за Заев и вештерка на метла  за Груевски

Судството, СЈО, но донекаде и редовното јавно обвинителство во последниве три години се однесуваат како родена мајка за Заев и за неговата компанија, од една, и од друга страна како вештерка качена на метла за Груевски и за другите обвинети лица од потесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Вчудовидувачки е, вели проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска од Правниот факултет во Скопје, како судството, а посебно СЈО не гледа никаков криминал и повреда на законите од страна на Заев и на другите високи функционери на СДС и на ДУИ во многубројни отворени предмети, ама затоа, очигледно, има двојна диоптрија кога станува збор за некакви муабети и индиции произлезени од незаконски прислушуваните материјали за Груевски и за потесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Каракамишева – Јовановска: Поради оваа објективна состојба видлива за сите, сметам дека во РМ веќе три години не владее правото и нема правна држава. Има само груба политика, која се спроведува преку силата на мускулите на странскиот сценарист, има само политичко насилство во државните институции, кое, за жал, сѐ уште не е санкционирано од никого, има само терор врз човековите права и слободи и никакви конкретно преземени чекори за објективна и неселективна заштита на човековите права.

Веќе три години законите сосема различно се читаат и се применуваат за една категорија граѓани, а сосема поинаку за друга категорија граѓани. Имаме индолентен однос на судството, но и на редовното јавно обвинителство кон одлуката на СЈО да ги повлече обвиненијата за Заев и за Верушевски за случајот „Пуч“ и покрај конкретното признание со валидна судска спогодба на осудениот Ѕвонко Костовски во кое признание тој детално објаснува како се вршело прислушувањето, кој го наредил незаконското прислушување и за каква цел.

Имаме чист предмет за насилство врз државни функционери кога Заев е фатен со ПИ (посебни истражни) мерки како го уценува поранешниот премиер дека ако не ја напушти позицијата за три дена, токму Заев ќе направи сѐ за да го смени Груевски. И тие видеа останаа во датотеката на судот и на ЈО како докази дека не владее законот и правото во РМ. Имаме, исто така, снимка обезбедена со ПИ-мерка на која сегашниот премиер бара поткуп и гледаме како Заев како обвинето лице слободно се шета без да му биде изречена никаква мерка за обезбедување, и покрај тоа што постојат јасни докази дека намерно ги избегнува судските рочишта, па дури и негово јавно признание дека нема да се јавува на поканите на судот затоа што тој лично не го признава судот.

Имаме ситуација во која МВР има оформени предмети што се веќе предадени на ЈО за вршен масовен поткуп на гласачи, вршен притисок врз гласачи и уцени врз гласачи од страна на неколку високи функционери на СДС за време на изборната кампања на декемвриските парламентарни избори и ништо од сето тоа. Во оформените предмети има сериозни индиции дека СДС незаконски ја финансирал изборната кампања и повторно ништо од тоа. Имаме целосно затајување на правото и на правдата за партијата СДС и за ДУИ, која е уценета до крајни можни граници за да остане во коалиција со СДС, но, затоа, од другата страна, имаме класична канонада од бесмислено поднесени обвиненија, на бесмислени судски одлуки, кои немаат никаква допирна точка со законите и со правото, но има многу врска со директните притисоци што вработените во една амбасада во Скопје ги вршат врз судиите за да донесат одлука на штета на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Сценаристот си обезбедил дремачи во судовите, кои вршат агитација и навигација во судот како да се донесе одлука за конкретните предмети оформени против раководната структура на ВМРО-ДПМНЕ. Видлив е стравот кај судиите, посебно во апелација, што се демонстрира преку тактиката на „одење по жица“ кога донесуваат одлуки за предметите без да ги ценат законски доказите и да работат во согласност со законите во РМ.

Место заштита на човековите права и слободи на еднаков начин, со ист аршин, и врз основа на исти правила, сведоци сме на класична политичка хајка што се води против раководната структура на ВМРО-ДПМНЕ. За сите други сторители на кривични дела од редот на СДС има некаква непишана странска амнестија затоа што се послушни соработници во сценариото за разнебитување на државата. Додека сценаристот продолжува со брзо темпо да ги засилува антимакедонските чекори во насока на целосно наше бришење од картата на европските народи, Заев ја заметкува јавноста со криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, кој никој жив не може да го докаже затоа што не постои.

И додека СЈО и СДС оркестрирано ја „забавуваат“ јавноста со некакви сензационалистички барања за притвори, правото никаде го нема. На негово место доаѓа голата, бруталната политика и присилата на политичката моќ. Откако Заев стапи на сцена со мускулите надувани од сценаристот и откако почна да се перчи како паун дека за него не важат ниту Устав ниту закони, правото и правдата во РМ отидоа бестрага.

Со противуставното инсталирање на СЈО, Уставот целосно се деградираше. Уставот и законите секојдневно стануваа крпи за бришење нозе на сите и на секого со секој поминат ден во работата на СЈО. Неискусни и правни аналфабети се поставени на одговорни и мошне сензитивни функции. Во СЈО се „печатат“ политички обвиненија со материјали што никаде во светот не можат да бидат докази во постапката. Незаконските прислушувани материјали не можат да бидат основа врз која ќе се темели ниту една судска одлука. Место сега по истекот на рокот, кога СЈО веќе не може да поднесува обвиненија, да се почне процесот на уништување на овие незаконски снимени материјали, гледаме како СЈО преку нивните стручњаци најавува поднесување нови обвиненија ако се пронајдат нови доказни материјали во преостанатите незаконски прислушувани разговори што е правен преседан и своеволно правно толкување само на СЈО и на ниту еден друг орган. СЈО си креира свои толкувања на законските одредби без за тоа воопшто да има надлежност.

Преку медиумите контролирани од СДС се создава голема фама и врева за потребата од притвор на целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Не се решава врз основа на Устав и на закони, врз основа на меѓународно право и меѓународната практика, туку исклучително врз партиските интереси на СДС и на сценарист-менторот на Заев, кој ја создаде оваа стратегија за целосно оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ. Со огромна црна пропагандна машинерија се тргна во поход против единствената македонска партија што ги брани националните и државни интереси на земјата. Единствената партија што стоеше на браникот да не се поништи македонската историја и македонскиот идентитет, единствената партија што не попушти во грчките преговарачки тактики за целосна промена на името РМ, како за внатрешна така и за надворешна употреба, единствената партија што не дозволи населување мигранти од Сирија и од другите делови на Африка во РМ и нивно трајно сместување со доделување државјанства така како што е предвидено во стратегијата на Заев, единствената партија што не дозволи употреба на албанскиот јазик како втор службен јазик на цела територија на државата, спротивно на Уставот, сега е ставена на нишан од надворешниот сценарист и од нашите измеќарски структури сето тоа да го поништат и македонскиот народ да го понижат на најдолен можен начин. Бидејќи нема потешко предавство на националните интереси од тоа што го прават свои луѓе, Македонци.

Згора на ова, новата Влада направи некаков, наводно, „експертски“ Совет за реформи во правосудниот систем во кој за само два-три члена би можело да се каже дека имаат судско искуство и ги познаваат проблемите во него. Сите други членови немаат никаква допирна точка со правосудниот систем на земјата, но затоа се во мошне блиски релации со СДС и со ДУИ. Токму блискоста со СДС и со ДУИ е единствениот критериум тие да бидат дел од советот за реформи. Има неколку членови што не се ниту правници, како, на пример, Фрчкоски, кој е доктор по политички науки, Најчевска, која како „глобалистичка балерина“ најмалку има авторитет да зборува за судски реформи, и други членови, кои се многу повеќе теоретичари, отколку практичари. На судството не му се потребни совети од политички филозофи, но ете владата на Заев проценила дека токму тие се најкомпетентните личности да даваат мислења за правосудниот систем. Во судството и во правосудниот систем видовме толку многу реформи. Мислам дека оваа сфера ги урна сите рекорди во земјата. Проблемот не е во реформите, туку во потребата на политичарите судиите и на јавните обвинители да ги стават во својот скут и да ги направат зависни од волјата на извршната власт. Тоа е спротивно на европските стандарди, но, за жал, оваа практика е сеприсутна и тешко дека од неа ќе можеме да се ослободиме во догледен период. Старата матрица на СДС во еден ден да бидат сменети и поставени нови повеќе од 600 судии во македонските судови е сѐ уште присутна во политиката на оваа партија. А, богами, и најголем дел од реформистите се поддржувачи на таа матрица, бидејќи токму во времето кога тие биле министри во владите на СДС дале „амин“ на таквиот недемократски начин на избор на судии за неколку секунди.

Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 256. број на неделникот „Република“, 28.7.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top