| четврток, 6 декември 2018 |

Романот „Деликатност“ на наградуваниот француски автор Давид Фоенкинос објавен на македонски јазик

Романот „Деликатност“ на наградуваниот француски писател Давид Фоенкинос, во превод на македонски јазик на Катица Гароска Ацевска го објавени издавачката куќа „Или-или“. Се работи за 151. издание во популарната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа „Или-или“ чие излегување е дел од проектот „Креативна Европа“ на ЕУ.

Фоенкинос во прекрасниот роман „Деликатност“ гради приказна за љубовта и за сложените меѓучовечки односи која е раскажана на шармантен и, пред с е’, на деликатен начин. Романот е така пишуван што читателот има чувство дека приказната некој му ја раскажува. Тоа е приказна за нова љубов и надеж дека и ранетите срца можат да најдат прибежиште на најчудни места, дека љубовта може да има и трагичен и комичен дел, понекогаш и малку апсурден, но тоа е тој деликатен зачин што ја прави толку голема. Ова е прекрасна и деликатна љубовна приказна во која кусите хумористични дигресии раштркани меѓу поглавјата и’ даваат нота на оригиналност. Според романот е снимен истоимен филм со Одри Тату и Франсоа Дамиен во насловните улоги.

Критичарите за романот на Фоенкинос напишаа:

„Фоенкинос пишува со толкава доза на хумор, смелост, напати и откаченост, што во неговите романи нуркаме полни доверба, како во топла бања“ (Le Point)

„Читателот е одушевен од префинетиот стил на авторот, од неговата лежерна сериозност. А пред се’, од неговата вештина да прави дигресии што му овозможува да помине од грозничаво размислување за страст, кон рецепт за рижото со шпаргли.“ (Le Nouvel Observateur)

Давид Фоенкинос (Париз, 1974) е француски писател, сценарист, режисер, музичар. Студирал литература и музика во Париз. На шеснаесетгодишна возраст бил принуден подолго време да мине во болничка постела. Во тој период почнува со огромен жар да чита литературни дела, да слика и да свири гитара.

Фоенкинос се вбројува меѓу најдобрите француски писатели од новата генерација, мајстор за романтични комедии. Неговите дела зрачат со леснотија, едноставност и хумор. Романот Еротскиот потенцијал на мојата сопруга бил многу добро прифатен како од критичарите така и од читателската публика, и за него ја добива наградата „Роже-Нимие“. Следат романите: „Кој се сеќава на Давид Фоенкинос“, „Ленон“, „Сеќавања“, „Шарлота“, „Мистеријата Анри Пик“ итн. Добитник е на голем број награди. Романите му се преведени на повеќе од четириесет јазици.

Романот „Деликатност“ ќе направи пресврт во неговата кариера. Веднаш по излегувањето станува бестселер во Франција и се наоѓа на сите листи за најпрестижните литературни награди во Франција. Добива десет награди и достигнува милионски тираж.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top