| четврток, 6 декември 2018 |

Дачиќ:За одбележувањето на Илинден во Прохор Пчински одлучува СПЦ, не државата

По повод барањето на македонските власти на македонска државна делегација да и се дозволи годишнината од најголемиот македонски празник – Илинден да го одбележи во манастирот Прохор Пчињски, на територијата на Србија, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека не може државата да одлучува за тоа прашање.

– Тоа нема врска со државата, тоа е манастир. Не може државата да одлучува за тоа. Тие секоја година ни се обраќаат, ние тоа барање го проследуваме до црквата, црквата со нив комуницира, а вие знаете какви се односите во тој дел. Тука нема никакви дилеми- рече Дачиќ на прес-конференција.

Одговарајќи на прашање за односите со Македонија и дали некои негови  изјави влијаеле на влошувањето на овие односи, Дачиќ потсети на неговата изјава оти Србија ја признала Македонија под уставното име, а Македонија подоцна го призна Косово и гласаше за прием на Косово во УНЕСКО.

– Како ги нарушив односите со тоа што го кажав? Јас со нив се разјаснив. Како тие кон нас, така и ние кон нив и точка. И не само со нив, туку и со сите други- рече Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија истакна дека Србија има желба за подобрување на односите со Македонија и дека многу направила на тоа поле.

– Ние вложивме во односите со Македонија. Тие, секогаш гласаа против нашите интереси. Не можам сега да кажам браво. Лути сме- рече Дачиќ.

Македонскиот премиер Зоран Заев, пред два дена, од Сараево, изјави дека од српските власти се уште не е пристигнат одговорот на барањето на македонските власти да им се дозволи прославата на годишнината од Илинден македонската  делегација да ја одбележи во манастирот Прохор Пчињски, на територијата на Србија.

– Се надевам дека ќе го добиеме одобрувањето, но и доколку не го добиеме, нема да се налутиме- рече Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top