На 28 и 29 јули, со претставите „Театар љубов моја“ и „Синиот портокал“, Театар „Џинот“ Велес ќе настапи на 10-тото издание на Македонското културно лето во Мала Преспа, Албанија, во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“.
„Театар, љубов моја“ од бугарскиот автор Валери Петров, во режија на Деан Дамјановски е претстава за четири актерки од четири различни генерации. Четири различни биографии и сензибилитети на сцената во една актерска „гримиорна“ – место каде актерите се шминкаат и преоблекуваат, но и место каде се раѓаат митовите и легендите за театарот. Драматург на претставата е Сашо Димоски, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Раде Василев, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерките Зорица Панчиќ, Кица Ивковска, Кети Борисовска и Талија Настова.
„Синиот портокал“ од британскиот автор Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски е претстава за современата психијатрија, со застарени методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи. Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерите Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.
Со претставата „Театар љубов моја“ Театар „Џинот“ Велес досега настапи и во Центрите за култура во Радовиш и Македонска Каменица, како и на фестивалот Бит-Фест во Битола, додека пак претставата „Синиот портокал“ беше изведена во Центарот за култура во Радовиш, на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и на фестивалот „Скопско лето“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.