Војна за вредности, некои се „за“, некои се „против“! – ова е тоа што му се случува на општеството, ова е тоа што ѝ се случува на Македонија. Владата предводена од Зоран Заев отвори прашања, кои, според многумина, ги уништуваат вистинските вредности. Сѐ почна со педофилите, продолжи со хомосексуалците, нивното право на брак, и повторно во игра се чувствата и правата на децата – правото на посвојување деца од страна на родители од исти пол.
Во една пригода, отец Ивица даде една оцена за тоа која е целта на Сорос со пропаганда, активизам и со енормно вложување пари:
– Целта е морална и генетска мутација, да го забрзаат светскиот процес на ентропија, односно празнење на духовните, менталните, интелектуалните и на капацитетите на конкретна личност, општество, нација, држава, човештвото. Тоа е процес на создавање зомбија, формирање форми без суштина, личности без богоцентричен светоглед, а со препознатлив нихилистичко огревовен светоглед. Таквите „личности“ се себецентрични, односно дрски егоисти и себеугодници. Како такви стануваат „топовско месо“ на своите идеолошки дилери, кои ги дрогираат со умисленоста дека тие се „фактор“, дека сѐ им е дозволено и дека не постои грев и одговорност.
Тоа се случува во моментов – мутирање на вредностите. И оттука почитувачите на традиционалните вредности го поставуваат прашањето зошто некои не сакаат вредности, вистини и принципи во општествениот простор, туку наметнуваат манипулација, перверзија, нихилизам и сатанизам!?
Ивица Тодоров од МПЦ вели дека Сорос има и друга деструктивна програма.
– Последната програма на оваа програма на Сорос, се разбира, во целата оваа режија има и други деструктивни програми, а тоа е формирање човештво без човек, односно човештво без идентитет, односно човештво без став, вредност и вистина.
Избрав семејство во општество со вредности
Правото на хомосексуален брак, правото на такви заедници да посвојуваат деца крена многу прав во јавноста. Се чини, најзлоупотребени во целата дебата се децата, но борбата за некакви човекови права и привилегии се постави на прво место.
– Почитувам сечија определба. Секој има право да прави што сака, секој има право да сака, секој има право да ужива во љубовта. И немам ништо против кога маж избрал да сака маж. Не ми пречи ничија сексуална определба, сѐ до тој момент додека јас не се почувствувам загрозена од таа нивна сексуална определба. Не ме интересира што му се случува некому дома в кревет. Не треба никого да го интересира ни што се случува во мојот кревет. И сѐ е добро додека се случува во креветот зад ѕидовите. Но кога таа поинаква определба се промовира, тогаш ми пречи. Пораснав во општество во кое бракот е дефиниран како заедница меѓу маж и жена. Создадов живот во општество со вредности, во кое семејните вредности се почитуваат. Сега некој сака да наметне моето дете да расте, созрева и да се гради како личност во општество во кое ќе бидат уништени сите вредности. Тоа ми пречи. Јас избрав семејство во општество во кое семејните вредности се почитуваа. Сега некој сака да го промени тоа општество. Каде се моите човекови права?! – коментира 35-годишната Бисера, која вели дека е со отворени погледи кон нештата сѐ до тој момент кога не се чувствува загрозена.
Таа посочува дека бара основно право – општество во кое детето ќе ѝ расте во одговорна љубов и ќе биде воспитувано со доблести, вредности и со вистини што ќе му помогнат да се формира во зрела личност полезна за општеството.
Има многумина што сметаат дека не смее да им се дозволат никакви права на хомосексуалците.
– Ги загрозуваат правата на цел македонски народ, а зборуваат за правата на ЛГБТ заедницата?! Прости им Господе, незнаат што прават – коментираат тие што се спротивставуваат на идејата на легализација на истополови бракови.
Други, пак, велат дека тие треба да бидат еднакви пред законот и дека нивната сексуална ориентација не треба да биде пречка за остварување на правото на брак.
Битка за поимот „брак“
Зошто потреба од хомосексуален брак?! Психологот Мирјана Стојановска – Јованоска вели дека сите ние се идентификуваме со тоа во кое живееме, се идентификуваме со тоа кога зборуваме кој сум јас, што правам јас, јас хетеросексуалец, јас имам деца… Ние се идентификуваме со тоа „јас“. Кога некој исто така кажува „јас“, „јас“, а е спротивно од тоа што сум „јас“, ние го браниме сопственото „јас“.
– Секаде во светот кога се зборува за хетеросексуалните бракови се вели дека бракот е една заедница, која во догледно време ќе исчезне. Од друга страна, хомосексуалните двојки сакаат да стапат во брак. И сега за тој поим „брак“ настанува дебата – хетеросексуалните двојки што велеле дека бракот како заедница наскоро ќе исчезне, почнуваат да се борат за тоа име, сметаат дека тоа е нивна своина и дека хомосексуалните двојки не можат да го користат тоа. Бракот, пред сѐ, е една заедница пред законот, верниците велат дека тоа е заедница пред Бога. Луѓето што се сакаат велат дека тоа е заедница на љубов, заедништво и на разбирање. Секој го гледа од своја страна. Какво и име да се стави на таа заедница, таа ќе постои. И не гледам зошто да се бориме за зборот „брак“, освен ако сакаме да војуваме, да се докажуваме, да правиме нешто за кое ќе се крева врева. Кој кому може да му забрани ако сака некој со некого да живее?! – коментира Мирјана Стојановска Јованоска.
Таа смета дека секој има право да живее со кого сака, но тоа на кое мора да се внимава е детето и неговиот развој.
– Треба повеќе да се внимава на психолошкиот момент. Законот одредува кој може да посвои дете. Но психолошкиот дел не важи само за тие што сакаат да посвојат дете, туку за сите тие што сакаат да станат родители еден ден. Треба да се посвети внимание на тоа каков родител ќе биде, за што ги раѓаме тие деца, каква е нашата идеја за тоа што треба да станат нашите деца и што да направиме ние од нив. Па, така, и актуелните, кои сакаат да посвојуваат деца, треба да разговараат со стручно лице, психолошки да се види што сакаат, да се видат нивните идеи, што претставуваат тие. Кога се раѓаат децата никој не знае што ќе се случи откако детето ќе дојде на свет. Ние сите заради некои наши потреби раѓаме, сакаме да посвоиме деца – зашто треба да имаме дете, зашто сакаме, зашто нашиот биолошки часовник отчукува, треба да задоволиме некои сопствени нагони. Во моментот кога детето ќе дојде на свет или кога ќе го земеме детето, сето тоа не важи. Ние сме тука за една единка за која ја имаме одговорност да се развие најдоброто од таа личност. И тука настанува проблемот – како да го направиме тоа. Што се случува со тие деца што ќе бидат одгледани од двојки од исти пол?! Ова е многу сериозна тема. Се води многу малку сметка за децата во каква било заедница – додава психологот.
Манипулација за привилегии
Отец Ивица смета дека ова е процес што почна во седумдесеттите години на минатиот век, а неговата цел е менување на вистинското значење на тоа што значи брак.
– Тие што, навистина, знаат и го вреднуваат вистинското значење на бракот, знаат што е брак, но има одредени структури што имаат цел да го променат тоа. Само на личности од спротивен пол творецот им дал, на еден, за нас, мистериозен начин, да ја дадат биолошката основа на новата личност што треба да дојде на овој свет. Раѓањето на детето е мистерија, а не рационален акт, математички или хемиски. Многу е битно во каква ментална, биолошка, психолошка и духовна состојба ќе бидат родителите на кои ќе им се родат деца. Освен родителска грижа, тие деца треба на вистински начин да бидат воведени во тајната на постоењето, со вистински вредности – коментира отец Ивица.
Тој се повикува на мисла од книгата „Уметноста на љубовта“ од Ерих Фром каде што стои:
„Љубовта е активна сила на човекот, сила што ги пробива ѕидовите што го раздвојуваат човекот од неговите ближни, која го соединува со другите“.
На ова отецот додава:
– Највидливо, најсилно и најдлабоко силата на љубовта ги поврзува личностите што сочинуваат брак и семејство. Во нив, како плод на силата на соединувањето – доколку семејството е втемелено на вистинските духовни вредности – односите меѓу личностите (маж – жена, родители – деца, деца – родители, семејство – општество) до тој степен се исполнуваат со жртвена љубов што се разгоруваат како силен оган што ја одржува светлината и топлината на животот и на постоењето во овој наш свет. Без овој љубовен оган, кој немилосрдно ги гори сите инфекции што во нашата личност доаѓаат од злото (завист – гордост – егоизам – лага – саможивост – желба за уништување и за самоуништување…) би било невозможно постоењето и опстојувањето на човештвото. И затоа низ сите векови и за сите народи семејството станало и останало училиште за љубов и за живот. Односно, чудесна заедница во која љубовта се прима, дава, за неа и од неа се учи, во неа се расте, усовршува и уподобува на оној кој е извор на љубовта, затоа што самиот е љубов.
Тоа што посебно го револтира отец Иван е обидот преку барањето за човекови права да се добијат одредени привилегии. Црквата се обвинува за догматизам, застареност, а наспроти тоа се промовираат изместени вредности и се злоупотребуваат човековите права.
– Ова е манипулирање со човековите права. Прво, кога се зборува за човекови права треба да се знае дека тоа повлекува и одговорност, како што има право има и одговорност. Некои борци за човекови права сакаат преку манипулација со човековите права да добијат привилегии. Некои хомосексуални двојки, кои, можеби, имале негаторски однос кон бракот сега сакаат своето заедништво да го наречат брак, иако општеството им дава можност тоа да го дефинираат на друг начин –партнерство, заедничко живеење со договор околу проблем со наследството. Но привилегија е да добиеш нешто што не си или не можеш да го имаш. А тоа е злоупотреба на човековите права – вели отец Ивица.
Тој смета дека и барањето за посвојување деца од страна на хомосексуални двојки е дел од ЛГБТ идеологијата преку злоупотреба на човековите права и таканаречената слобода да дојде до некои привилегии.
– Тоа е привилегија – не е во брак, таа заедница не е брак и сега се бара општеството да му дозволи да посвои деца. Се случува во некои западни општества. Ќе ги видиме последиците, некои последици веќе ги гледаме – многу е важно да има една природна состојба на однос каде што врз децата ќе имаат одредено влијание и мајката и таткото со посебноста на нивната природа и на нивното учество во семејството. Тоа влијае врз формирање на здравата личност – посочува отецот.
Тој не се согласува дека црквата има негативен однос кон тие што имаат различна сексуална ориентација.
– Немаме проблем со нечија сексуална ориентација. Имаме проблем со ЛГБТ идеологијата и со злоупотребата на човековите права и со барањето привилегии што не доаѓаат од правата што ги бараат. Најсуштинското е дека ќе се бориме за вистинското задржување на значењето што се тоа брак и семејство. Во спротивно, ќе се загуби суштината на нашето постоење, ќе дојде до целосна девалвација на општеството. Една од идеологиите на ЛГБТ е да се релативизира полот – да нема машки и женски пол. Веќе има 32 начини на доживување на полот – изјавува отец Ивица.
Одредени политички структури го отвораат прашањето за бракот и за семејството. Отец Ивица се спротивставува и на одлуката да се повлече учебникот за четврто одделение во кој децата треба да донесат фотографија од свадбата на своите родители и да одговорат дали се венчани во црква. Тој коментира:- Браќа и сестри од СДСМ реагирајте и приклучете се на фронтот на домаќините и на домаќинките, на домољупците, на семејните луѓе што се сериозно загрижени за тоа во какво општество ќе живеат нивите деца, внуци, правнуци!
И отец Партениј од Бигорскиот манастир смета дека бракот меѓу маж и жена е завет пред Бога и дека без здравиот брак нема нормално општество. Тој на Божествената литургија на Галичка свадба љубовта меѓу мажот и жената ја спореди со најсветите нешта во животот на човекот: со врската меѓу Бога и неговата црква.
– Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде себеси за неа“ (Ефес. 4,25). А како Христос ја засака својата Црква?! Тој на крстот се жртвуваше за својата Црква, даде сѐ што имаше за својата Црква, за да ја освети и очисти. Мажот е должен секогаш со таква љубов да ја сака својата жена – пожртвувано. На крајот, пак, од апостолот слушнавме: „А жената да се бои од мажот свој“ (Ефес, 4,33). Често жените поинаку го толкуваат ова. Но, јас сакам да ви кажам дека ова боење означува духовно почитување, духовно боење. Токму така како што се боиме да не му погрешиме на Бога, оти го сакаме; така и жената треба да се бои со ништо да не го изневери, со ништо да не го нажали својот маж. Од друга страна, и мажот треба да е секогаш подготвен да се жртвува за својата жена. Таков е православниот брак! Ве молам, чеда, повеќе да се потрудите да научите за светата тајна брак – вели архимандритот Партениј за време свештениот чин на светата тајна брак на Галичка свадба.
Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 255. број на неделникот „Република“, 21.7.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.