| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ со директна порака до власта: Запрете со партизација на администрацијата

Советот за стабилизација и за асоцијација (ССА) меѓу Македонија и Европската унија, кој во вторникот се одржа во Брисел, покажа дека Европската комисија и целата ЕУ нема да прогледуваат низ прсти за грешките и за системската негативна политика што ја прави новата влада. Директното барање коалициските партнери, предводени од премиерот Заев, да запрат со менување директори без посебна причина е првиот „нож в грб“ за новата влада, која очекуваше само пофални зборови во Брисел. Поради кризата во земјата лани ССА не се одржи

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Вицепремиерот за евроинтеграции, Османи, и министерот за надворешни работи, Димитров, во Брисел заминаа со надеж дека од ЕУ ќе добијат бланко карта за сите зафати во законодавството и за спроведување на реформите, а се враќаат со тешки обвинувања на своја сметка. Европската комисија и лично европската висока претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини беа брутално искрени и директни. Брисел нема да толерира партизација на администрацијата за која претходно, делумно со право, беше критикувана и ВМРО-ДПМНЕ.

И Могерини и, особено, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан точно биле информирани за смените на директорски позиции во Скопје, кои се случиле по преземањето на власта од страна на СДСМ. Канцеларијата на Европската унија во Скопје пред средбата направила список на сите промени на директори и на шефови на владини тела, кои биле променети без да се заварди процедурата, а особено се внимавало на тие раководни позиции со кои ЕУ имала добри односи.

Еден од најинтересните примери на списокот е лекарот кардиолог Сашко Кедев, кој бил променет без никакво завардување на законските процедури и без никакво образложение. Кедев иако во 2004 година беше кандидат за претседател на државата како предлог на ВМРО-ДПМНЕ , во последниве десетина години нема партиски настапи, во светот е признат како врвен хирург, кој би го посакала секоја светска болница, а е дел од низа европски проекти и иницијативи, кои успешно ги спроведувал со европски институции и организации.

Неговата брутална смена со партиски колега на министерот за здравство Арбен Таравари, кој дошол на местото на Кедев, предизвикала две пораки од Брисел.

Прво, СДСМ и коалициските партнери не смеат да спроведуваат политички реваншизам, особено не на луѓе што работата ја вршеле професионално и без криминал и, второ, прогонот на кадри како Кедев, кои лесно може да најде работа во странство, е порака за младите луѓе, кои гледајќи го овој пример и другите слични ќе продолжат да заминуваат од земјата.

Овие пораки претходно на владата во Скопје им ја пренел и амбасадорот на ЕУ, Жбогар, но откако премиерот и министрите неговите зборови не ги сфатиле доволно сериозно, пораката била испратена на највисоко ниво.

 

Не било сѐ црно во Брисел

Се разбира, погрешно е да се тврди дека владините претставници во Брисел добиле само критики, иако гостите не очекувале дека во првите сто дена од владата ќе добијат повеќе „удари“ од тие што им го задава ВМРО-ДПМНЕ како опозиција. Могерини и Хан ги пофалиле новите власти за односот со соседите, иако и двајцата тие и нивните колеги во Брисел и другите европски центри не знаат што е суштината на проблемот со Бугарија.

 

Да му се помогне на судството и да не се влијае на судиите

Објективно, за нецели два месеца на власт Османи и Димитров во помалку од 120 минути, колку што траел состанокот, не можеле да се пофалат со многу работи, особено затоа што домаќините подготвени за средбата имале конкретни прашања и барања. ЕУ на гостите им пренела дека во Брисел се очекуваат брзи резултати од истрагата во врска со прислушувањето и со нападот во Собранието на 27 април. Хан и Могерини бараат полицијата и истрагата да реагираат брзо и на судските органи да им овозможат соодветни информации за настаните, без да вршат влијание на судиите и на судскиот систем.

Димитров ѕвезда, Османи допрва учи евроинтеграции

Според извори на „Република“ во ЕК, главна ѕвезда во македонскиот тим на состанокот бил министерот Димитров, кој целосно го засенил вицепремиерот Османи, кој иако со повисока позиција во владата, бил второстепена фигура на средбата. Причина за тоа, најверојатно, е неговата слаба подготвеност за теми од евроинтеграциите. Османи претходно беше министер за здравство и партиски портпарол, кој немал посебна допирна точка со оваа проблематика, што за земјата ќе биде хендикеп кога ќе дојдат посериозните теми за решавање.

 

Полека со законите, подобро бавни, но ефикасни

За разлика од прислушувањето и од 27 април, ЕУ не очекува брзи закони како што планира новата влада и тоа им било кажано на Димитров и на Османи. За ЕУ е важно новите закони да бидат соодветни и ефикасни, а не да се носат само за да се каже дека се спроведуваат реформите. Брисел очекува владата да се консултира за сите закони затоа што подоцна ќе биде потешко тие да се менуваат. Од таму се инсистира на подолга и потемелна подготовка за законските решенија за кои е потребна и поддршка од опозицијата, од која се бара конструктивност и конкретна помош, особено во европското законодавство, кое е од интерес за сите граѓани и партии.

 

Кукан е поголем Македонец од премиерот и од министрите

Првиот удар од своите „поддржувачи“ во Брисел владата го доби од известувачот во сенка на Европскиот парламент за Македонија, словачкиот европратеник Едуард Кукан. Тој на новата влада прво дипломатски ѝ порача дека има симпатии за неа и за нејзините напори да ги реши споровите со Бугарија и со Грција, а веднаш потоа ја обвини дека, можеби, не се грижи доволно за националните интереси.

– Мислам дека тоа е правилна стратегија, но потребно е да се биде многу стрплив и да не им се наштетува на сопствените интереси. Јас ги поздравувам новите иницијативи со Бугарија, но знам дека тоа е многу високо оценувано. Во тој договор, кој треба да се потпише на 2 август, има две чувствителни и многу тешки прашања, кои не се решени. Прашањето на македонскиот јазик, многумина во Бугарија велат дека тој е дијалект на бугарскиот јазик, и второто, дека е потребно заедно да се празнуваат историски настани. Тоа, според мене, се многу скокотливи прашања, тоа се нешта за кои не треба само да се има иницијатива, туку и да се следат сопствените интереси на Македонија.

Кукан вели дека ќе почека да види каков договор ќе биде потпишан, а потоа само ќе го поздрави или ќе остане воздржан.

(Текст објавен во 255. број на неделникот Република, 21.7.2017)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top