Понеделникот, непосредно пред средбата со Нимиц, Коѕијас, онака „не сакајќи“, му направи голема беља на Заев. Грчкиот шеф на дипломатијата, во наплив на искреност, среде Брисел си призна што, кога и зошто посакувала Атина. Призна и дека желбата им се остварила. Истовремено, во истата реченица, Коѕијас ја кажа и големата мака што ја имале изминатите 11 години. Маката на јужниот сосед се викала Никола Груевски, а желбата и посакуваниот лик во кој влеваат силни надежи се вика Зоран Заев. Го гледал како четири прсти отворен за промена на името, т.е. за решение. Како поинаку да ја објасните оваа трогателно искрена реченица, која Коѕијас ја состави за „Еуроактив“ на само еден час пред средбата со посредникот?
„Им кажав на моите европски пријатели сега да бидат внимателни и да не создадат втор Груевски бидејќи Заев ги има сите предиспозиции за да го разбере проблемот и да биде отворен за вистинско решение“.
Не треба да сте Ајнштајн за да сфатите за какви предиспозиции зборува грчкиот министер, кој имаше „интересна и сериозна“ средба со Нимиц. Да, за наша жал, во моментов Македонија ја води опортунист што има силни предуслови и предиспозиции за промена на името на државата и кого многу-многу не го засегаат идентитетот и историјата на сопствениот народ. Наспроти него е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неговата партија, патриоти од стар ков, кои си ги сакаат државата и народот, но такви какви што се, без додатоци, придавки, договори со кои се продава националното. Замислете, тие да не попуштале за тоа што дедовците ни го оставиле во аманет. За тоа да ти била целата оваа тригодишна хајка, девалвација и хистерија. Еурека, но само за тие што и ден денес, без да џвакаат, ги голтаат повраќаниците на скапо платените извртувачи. Има само една разлика, сега истите (доколку не се вработени во Влада, нели) да ти биле провладини, а вестите розови, со сите нишани и странски фалби за Заевата влада. Критика, јок, тоа „умре“ со изборот на новата влада, а плукачите се трансформираа во лижачи. Не, не им беше тешко затоа што во двата случаја најбитни се плунковите жлезди, а тие им се толку добро развиени и „набилдани“ од 11-годишно плукање по владата на ВМРО-ДПМНЕ. Не е шега, на СДС, на кој Македонија, дефинитивно, не му прилега, му треба најсилниот ветер во едра за да ја протурка „реформата“ за која е и насаден на „Илинденска“.
Сега, настрана, не знаат каде им е главата од работа. Немојте да мислите дека со донесувањето на Заев на власт ја завршија задачата. За ваквите „одработувачи“ секогаш има друга, нова и добро платена работа. Според последните информации, дузина провладини, „професионални“ новинари (не дека немаа касмет да се вработат во владините служби, туку платите се мали за нивните потреби и „квалитети“) и петмина историчари се веќе ангажирани во создавање атмосфера и добра подлога за „амин“ на Заевата бугарска „договоранција“. Подобните историчарите, меѓу кои и еден Блаже, се сретнале со „избраниот“ и веќе дале „амин“. На ред се извртувачите, кои следните денови треба да ги одработат парите. Подгответе ги стомаците. Време е за „лажни вести“ и за нови подлизурковски повраќаници…
Бриселски натпревар: Коѕијас го фалеше Заев, Хан и Могерини уште повеќе
Коѕијас само ја потврди „реформската“ улога на новата Влада и ја дообјасни таа за многумина толку неаргументирана, необјаснива и чудна, а од друга страна толку силна и безобразно наместена поддршка на „меѓународната“ заедница за Заев и компанија. Да, сосема случајно, нели, во исто време кога Заев во Скопје на „затворена“ седница го образложуваше небулозниот договор со Бугарија, овенчан со стотина дупки и нелогичности, во Брисел Могерини виде „нов почеток“ за Македонија. Арно ама, не е оваа Македонија, барем Федерика да признаеше на која и каква Македонија мисли, да го откриеше барем другото име што го подготвуваат одамна, а сега имаат и подобен „премиер“, кој ќе даде сѐ за да им угоди на сопствените творци. Така, синхронизирани и добро навежбани во создавањето димна завеса и во затскривањето на антимакедонските црни дамки, Хан и Могерини ни порачаа да сме се фокусирале на реформите и на добрососедските односи. Затоа што ние сме виновни за сѐ, така барем велеше Заев. За доброто на Македонија, нели.
Замислете го само и парадоксот, сега поради „реформите“ на Заев ќе ја одмрзнеле препораката што ја замрзнаа токму поради глупостите на истиот тој лик, кој три години со „бомби“, протести, бојкоти на Собрание и на избори и со квазиреволуции ги држеше во заложништво сопствената земја и народ. Настрана што зборуваме за „препорака“ со која ЕК оценува дека сме подготвени за преговори од дамнина, а која е таква цели осум години само поради Грција и нејзиното вето (кое ЕУ немаше ни доблест да го признае) за почнување преговори, политички вакуум што содздаде одличен простор за кудење и за маневар токму за Заев и за неговата банда. Тој, пак, ѝ помагаше во аргументацијата на Грција дека во Македонија нема демократија, дека владееле „режим“ и каква ли не будалаштина. Одлично си се надополнуваат, па чуму тогаш и Атина да не го посакува за партнер во преговорите, т.е. во промената на името. Кој не би посакал таков партнер?
Претходниот ден, пак, во истиот тој Брисел, додека ЕУ го местеше морковот на стапот со кој кон македонската јавност требаше да замавтаат Димитров и Османи, Коѕијас го испофали нивниот шеф Заев. Никос без заобиколување откри дека Зоран го разбира проблемот и е отворен за решение. Истовремено, не заборави да им посочи на Европејците дека требало да нѐ научат што било компромис?! Верувале или не, Грција, која со години мавта со своите „црвени линии“, земјата што ни наметна непостоен и ендемски проблем со името, „добронамерниот“ сосед што не ни ги признава името, нацијата и историјата, државата што не признава малцинства на своја територија и која пред еден век ни го одзеде најголемиот дел од територијата, сега глуми „невина“ и праведник и бара Европа да нѐ учи што е тоа компромис? Типично грчки, нели. Но народот вели „нашле, па зашле“, а овој пат Грците немаат само „меѓународен“ сојузник во притисокот во ЕУ и САД, туку и инструиран внатрешен квислинг (читај квислинзи) во кој полагаат силни надежи.
Балканската тројка како подготовка за бриселската двојка
На Балканот веќе стана вообичаено – кому ќе му „текне“ – да соли ум за Македонија и да ни ги реди внатрешните и надворешни односи. И така, Македонија веќе еден и пол месец е класичен протекторат, но во досегашната историја многу протекторати покажале поголема самостојност и многу повеќе „заби“ и достоинство од Заевата влада кон нашите мили соседи.
Реално, Заевата одисеја кон премиерската фотелја и почна со балкански игри и небулози. Иницирачката каписла беа платформата од Тирана и Еди Рама, поклонение на кое на лидерите на македонските Албанци им ја скроија судбината на новата влада, чин со кој го оддалечија од себе победникот на изборите, кој не можеше и не сакаше да го прифати непристојниот предлог.
Сега, додека Заев ги љуби своите ближни соседи Борисов и Ципрас, тие, засилени со Вучиќ (единствениот што не е во љубов со Зоран затоа што не е негов „тип“, бидејќи Александар е руски тип во моментов) се сретнаа ни помалку ни повеќе туку во Солун и дебатираа и за Македонија.
Сосема случајно, како и сѐ што се случува во државата, нашите соседи со кои имаме дузина проблеми од најразличен тип, се собраа и заклучија дека заедно биле десет пати посилни! За да не му падне некому на ум дека не е така. А против кого им треба таа „сила“? Во целата прикаска недостигаше само ликот и неделото на Еди Рама, кој поради претходното залагање во внатрешните работи на Македонија, оправдано отсуствуваше.
А Заевата влада не ја полази ни мува што некој таму беседи и решава за Македонија, без неа… Не кажаа низ бор, како ни за платформата од Тирана, која не постоеше, па сега се покажа дека 90 проценти веќе била усвоена, а следуваат двојазичноста и националните одредници.
Којзнае само, по локалните избори, по кој ред ќе почнат – дали со името, со двојазичноста или со химната, знамето или, можеби, со грбот? Којзнае, нели.
Па кој друг, ако не „чадорот“…
Чилиманов: Македонија под Заев е слаба и уценета
Зоран Заев и неговите поддржувачи се на пат да дознаат дека, во балканските политички игри, кога ќе најавиш дека си подготвен да ја виткаш „кичмата“, вели новинарот Цветин Чилиманов, тоа за соперникот не е сигнал да го прифати твоето попуштање како знак на доблест на која треба да одговори со попустливост, туку како знак на слабост на која треба да одговори така што ќе ти ја скрши и тоа малку „кичма“ што ја имаш.
Чилиманов: Од првиот ден од стапување на власт, па и пред тоа Заев сигнализира слабост кон нашите соседи, по сите стратегиски важни прашања и по сите теми што традиционално ги движат националистичките дискурси во регионот, и тоа е исклучително опасно имајќи предвид во каков регион живееме. Силна, суверена, стабилна Македонија е гаранција за стабилноста на регионот. Македонија под Заев е слаба и уценета и како таква може само да предизвика поголем национализам во нашите соседни држави и продлабочување на проблемите што досега ни беа наметнувани.
Јас сум убеден, а веќе ги гледаме и првите провокативни сигнали, дека новата политика на Заев отвора нови проблеми во македонските односи со соседите, место да ги затвори постојните. Заев и СДС сега влегуваат во еден процес во кој, со мнозинство од еден пратеник во Собранието, се обидуваат да постигнат договор за решавање на еден од најкомпликуваните проблеми во регионот, спорот за името. Тоа решение го бараме со Грција, каде што премиерот Алексис Ципрас, исто така, има никакво мнозинство, од двајца пратеници, и тоа го има само благодарение на коалицијата со крајно националистичката партија на Панос Каменос. И Ципрас и Заев знаат дека се непопуларни кај народот и дека не ја уживаат граѓанската легитимност. Притоа, сосема е јасно дека грчката влада, каде што носечката партија самата е против грчкото членство во НАТО, е длабоко инфилтрирана од Русија и претставува своевиден Тројански коњ во НАТО.
Оттаму, шансите да се постигне макар и формално решение на спорот за името се исклучително мали, а шансите да се постигне стабилно решение на спорот, кое, навистина, ќе придонесе кон стабилноста на регионот и кон добрососедските односи се никакви. Принудувањето два народа да постигнат договор, кој ниту едните ниту другите не сакаат да го постигнат, само дополнително ги влошува односите. Гледаме дека, колку што меѓународниот фактор посилно притиска кон Македонија да се постигне неповолно решение на спорот и да се смени легитимно избраната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, паралелно тоне поддршката за членството во НАТО.
Со сила не бива убавина, и сите ќе живееме долго време со последиците од кризата од изминативе неколку години, кога и како и да заврши таа. Од друга страна, дефинитивно е јасно дека, и покрај бруталните пропагандистички притисоци, фабрикуваните судски притисоци, па и воените притисоци, кои во голема мера беа поддржани од западни држави, ВМРО-ДПМНЕ остана принципиелно прозападно определена, свесна дека која било друга определба носи катастрофални последици за Македонија и за Македонците. Останува само да се надеваме дека со бавните, но извесни темелни промени во западните држави, безобразната и непринципиелна политика кон Македонија ќе се смени и дека наскоро историската политичка ориентација на нашите партии ќе си дојде на своите природни места.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 255. број на неделникот „Република“, 21.7.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Брегу: Проширувањето на ЕУ и поврзувањето на Западен Балкан се поврзани процеси
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
„Тајна вечера“ на лидерите на ЕУ, без Тереза Меј